Вонредна седница на Советот на Карпош: Пред „заминување“ усвоен ДУП CCИ 03

Фото: Општина Карпош

Советниците од Карпош на вонредна седница денеска расправаа по единствената точка на дневниот ред, која се однесува на Предлог-одлуката за донесување Детален урбанистички план за Градската четврт ССИ 03, Блок 03.07 која ги опфаќа општините Бутел и Карпош.

– Површината на планскиот опфат на ДУП во рамките на опишаните граници изнесува вкупно 24.861 хектари, од кои во општина Карпош ќе бидат регулирани приближно околу 0,2 хектари со намена Д2 заштитно зеленило. Тоа значи дека формираните градежни парцели дефинирани во предметниот ДУП, територијално целосно спаѓаат во рамките на општина Бутел. Во општина Карпош спаѓа само мал дел на непарцелирано земјиште, бидејќи како што е погоре наведено, се работи за зона на заштитно зеленило – појаснуваат од Општина Карпош.

Планот, како што велат од Карпош, го дефинира просторот помеѓу оската на градската магистрална улица Словенечка на север, по новопланираната сервисна улица С9 на исток, потоа, на југ ја опфаќа сервисната улица С2, а на запад се движи по оската на новопланираната улица С3.

– ДУП е изработен според одредбите за спроведување на Генералниот урбанистички план на Град Скопје, Законот за просторно и урбанистичко планирање, Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање и Правилникот за поблиска содржина – велат од Општината.

Урбанистичкиот план кој го опфаќа планираниот простор во општина Бутел е предвиден за намена А1 и А2, односно домување во станбени згради, потоа Б2 за големи трговски единици, парцели со намена Г2  за лесна и незагадувачка индустрија, за Г3 односно за сервиси. Предвиден е и дел за парковско зеленило, сообраќајници и за комунална супраструктура.

– Дел од ДУП-от кој регулира и мала површина од општина Карпош, има единствена намена Д2 (парковско зеленило) – прецизираат од Карпош.

Вонредната седница која се одржа на пет дена пред локалните избори, како што информираа од Карпош била свикана согласно со Законот за локална самоуправа и Деловникот на Советот на Општина Карпош, но и врз  основа на предлогот на градоначалникот Стефан Богоев, даден на 62. седница која се одржа на 5 октомври и која требаше да биде последната седница на овој советнички состав.

Во минатите четири години, како што нагласи тогаш претседателката на Советот Наташа Пеливанова, советниците на Карпош донеле 1.403 акти. За периодот октомври 2017 – септември 2021, објавени се 61 службен гласник од одржани седници и 27 службени гласници надвор од одржани седници, или вкупно 88 гласници во кои, како што беше речено, се трајно документирани сите одлуки и документи од интерес на жителите на локалната самоуправа, а воедно ја отсликуваат работата и придонесот на советниците за развој и демократизација на  општината.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот