Водата за пиење во Тетово безбедна и покрај дефектите и прекините

Без вода/ Фото: Архива на „Слободен печат“

Биле направени дополнителни проширени испитувања кои потврдиле дека квалитетот е на потребното ниво за консумирање.

И покрај честите дефекти и прекини во водоснабдувањето водата за пиење во Тетово е исправна и безбедна, образложуваат од тетовскиот Центар за јавно здравје.  Биле направени дополнителни проширени испитувања кои потврдиле дека квалитетот е на потребното ниво за консумирање.

-Сите досегашни испитувања покажаа дека водата за пиење е во ред.  Освен основните микробиолошки се правеа и физички-хемиски анализи. Дополнително проширени физичко-хемиски анализи се правеа и во Институтот во Скопје, од каде исто така имаме добри резултати. Поволна околност е што има доволно количини изворска вода, изјави д-р Ратко Давидовски, специјалист по здравствена екологија при Центарот за јавно здравје.

Давидовски вели дека редовно се прави и дезинфекција на водата која се складира во резервоарите пред да биде пуштена во водоводната мрежа како и во новата филтер станица која презема речна вода.

-На двете места редовно се користат хлорни препрати и така се одржува високо ниво на дезинфекција. По потреба кога има дефекти се засилува дезинфекцијата. Воедно препорачувам кога ќе има прекин во водоснабдувањето, кога ќе почне да тече од чешмите да се остави водата да истече одредено време, изјави Давидовски.

Минатата недела три дена по ред речиси цел град се соочи со прекини во водоснабдуавњето поради дефекти.  Вчера во градот повторно одредени делови има прекини поради потребата повторно да се интервенира во водоводните цевки.  

-Пред една недела имавме хаварија на Ф300 доводна цевка од салонит при што од напрснување во внатрешноста е навлезено материјал песок и камења и покрупен чакал кој прави затворање на вентилот кој се наоѓа на раскрсницата на улиците „„Цветан Димов” и „Ѓорче Петров”. Се трудиме со сите напори да го исчистиме вентилот од „Ѓорче Петров” па се до „Цветан Димов”, тоа е должина од 300-350 метри, изјави Љуљзим Шаќири од работната единица „Водовод и канализација” при ЈКП Тетово.

Старата и дотраена мрежа е причина речиси секојдневно во градот да има помали дефекти и времени прекини во водоснабдувањето.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот