Водата во тетовско со фекалии, општините немаат пари за дезинфекција и следење на квалитетот

Фото: Слободен печат

Тетовските општини немаат пари да го следат квалитетот на водата, која најчесто е микробиолошки загадена. Само во една од шесте тетовски општини се врши мониторинг на водата, односно само Општина Брвеница има склучено договор со Центарот за јавно здравје Тетово за континуирано следење на микробиолошката и физичко-хемиската исправност на водата за пиење.

Општините Јегуновце, Желино, Боговиње, Теарце, како и Тетово немаат склучено договор. И кај нив велат од центарот се врши контрола на водата, но според годишната национална програма, која предвидува само мал број на земени мостри, кои не можат да дадат реална слика и реални податоци.

Материјалните трошоци се најголемиот проблем, поради кои општините не склучуваат договори за мониторинг.

„Секаде се проблем финансиските средства, оти ни кажуваат ако направиме договор за редовна контрола и дезинфекција на водата, струјата нема да можеме да ја платиме, затоа и рачно се врши дезинфекција најчесто со хлорни препарати, но нема голем ефект, ако тоа не се прави редовно. Во Брвеница е почиста водата во однос на другите општини, оти во повеќе села се врши континуирано хлорирање, односно со оваа општина имаме склучено договор за редовен мониторинг. Секако дека има ризик, за Општина Тетово, но ние не можеме да ја оставиме тетовската вода, така. Ние вршиме контрола според национална годишна програма, но тоа е со многу мал број на мостри и проценката на ризик со толку мал број на мостри не може да се направи. Во Тетово минимален број на мостри е некаде над 400, а ние со нашата редовно контрола според годишната национална програма вршиме околу сто контроли, односно земаме 100 мостри во текот на една година, рече д-р Ратко Давидовски, специјалист по хигиена и здравствена екологија од Центарот за јавно здравје Тетово.

И најновите анализи на Центарот за јавно здравје Тетово, покажаа дека водата во тетовските рурални општини е микробиолошки загадена, или 70% од водата за пиење е со фекали и колимфорни бактерии.

„Генерално имаме микробиолошка загадена вода во над 70 % од селата во тетовско. Тоа се должи на немање на каптажи прописни и неодржување на водата во техничка смисла, неоформеност на заштитни зони, таму каде што ги има не се одржуваат, а ги има во многу мал број. Застарена водоводна мрежа и подложна на чести дефекти, отсуство на дезинфекција во голем број на водоводи. Таму кај што имаме дезинфекција рачно се врши, немаме континуитет. Често имаме нестручно одржување на водоводните системи, дека обично ги раководат месните заедници, а не јавните комунални претпријатија. Имаме и појава на вклучување на реки во самите водоводи, особено во летниот период поради недостаток на вода и тоа претставува ризик по здравјето на граѓаните. Таму каде што јавните комунални претпријатија ги водат водоводите таму е почиста водата, оти имаат стручни служби за таа намена“, рече доктор Давидовски.

Од Општина Тетово не добивме конкретен одговор дали планираат да склучат договор со Центарот за јавно здравје Тетово за мониторинг на водата од водоводниот систем, кој поради дотраеност е со големи дефекти, кога и најчесто настанува заматување и загадување на водата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот