Во Зоолошка само со маски, во спротивно можно е нејзино затворање за посетители
За да не се доведеме во ситуација да се затвара Зоолошката градина во Скопје, потребно е сите посетители да се придржуваат кон мерките за заштита од ширење на коронавирусот, децидни се од скопската Зоолошка градина.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Оттаму велат дека, иако поголемиот број посетители се придржуваат кон мерките за заштита, сепак има и такви кои не носат заштитни маски и не држат соодветна дистанца додека шетаат и ги гледаат животните. Со тоа, тие не само што го загрозуваат сопственото здравје, туку претставуваат потенцијална опасност да ја прошират заразата и кон останатите присутни во Зоолошката градина.
Токму затоа, од Зоолошката градина апелираат за строго почитување на препорачаните мерки за заштита, за да не дојде до затворање на градината за посетителите.
– Ние пред сѐ се грижиме за јавното здравје и не сакаме токму овде да се прекршуваат мерките. Затоа и постојано апелираме посетителите да бидат совесни и одговорни. Се надеваме дека ќе продолжат да ги почитуваат мерките и нема да дојде до затворање – велат од Зоолошката градина.
Оттаму објаснуваат дека, за среќа, поголемиот дел од посетителите се придржуваат кон мерките, но секогаш има исклучоци.
– Ние комуницираме со нив, ги опоменуваме и едуцираме – како за држење дистанца и маски, така и за кодексот на однесување во градината – забрането фрлање храна и вознемирување на животните – додаваат од градината.
Освен вработените, за одржување на редот и на дисциплината за време на викендите се задолжени и луѓе од приватна агенција за обезбедување, која волонтерски се грижи за да се почитуваат правилата во градината. По потреба, интервенираат и инспектори и комунални редари од Инспекторатот на Град Скопје, а се случува понекогаш да биде повикана и полицијата.
Скопската Зоолошка градина и покрај пандемијата и понатаму останува едно од најпосетуваните места во главниот град. Па така децата, заедно со родителите, но и со бабите и дедовците, секој слободен миг го користат за да ги посетат животните и да уживаат во убавините кои ги нуди ова место.
– Посетеноста на Зоолошката за време на пандемија е изненадувачки голема. Луѓето сакаат да го поминуваат времето на отворено и во зеленило, а тука токму тоа и го имаат. Додека на сила беа мерките за родителите на деца до 10 години да не одат на работа, градината беше многу посетена и преку недела – информираат од таму, притоа додавајќи дека, и покрај огромната заинтересираност, сепак, бројот на продадени билети е намален, бидејќи не дозволуваат да има огромни гужви и посетеност како порано.
Од Зоолошката градина тврдат и дека, од почетокот на пандемијата па досега, успешно менаџираат со градината со цел местото и понатаму да остане привлечно за граѓаните и најавуваат дека многу скоро за првпат во Скопје ќе пристигнат пингвини.
– Фламингата сѐ уште се најомилени кај посетителите. Имаме и двогрби камили, нови бели лавови и бели волци. Алпаките и Бејби Зоо се најпосетеното и најомилено место меѓу децата. Ние, постојано сме во контакт за нови животни, го подготвуваме и Дино паркот кој ќе биде вистинска атракција. Иако потешко оди поради пандемијата и затворените граници, сепак Зоо Скопје никогаш досега немала волку различни видови на животни и живеалишта направени по светски стандарди, со цел што подобри услови за жителите на градината – велат од скопската Зоолошка.


