Во Струмица отворен стационар за бездомни кучиња

Отворен стационар за бездомни кучиња во Струмица/ фото: МИА

Во Струмица денеска почна со работа стационарот за бездомни кучиња со кој управува ЈП „Лана“. Стационарот располага со вкупно 58 легла-боксови, каде ќе работат двајца ветеринарни лекари, тројца ветеринарни техничари, двајца заловувачи и тројца одгледувачи.

Според градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, процесот на иницијален третман на околу 500 бездомни кучиња од градот и населените места на Општина Струмица започнува веднаш, а во текот на следните 2-3 месеци, во соработка со Факултетот по Ветеринарна медицина, Сектор за благосостојба и Агенцијата за Храна и Ветеринарство е планирано броење на сите бездомни кучиња во Општината.

Со пуштањето во употреба на Стационарот „Лана“ практично почнуваме со решавање на еден од најголемите проблеми на струмичани, а тоа се бездомните кучиња- скитници за кои имавме многу несакани ситуации, каснување на луѓе и во неколку случаи на деца. Додека во државата одредени општини декларативно се занимаваат со овој проблем, ние суштински и системски го решаваме и од денес општина Струмица е единствената општина во државата со свој сопствен стационар за бездомни кучиња. Јас ги уверувам граѓаните дека стационарот ќе ги дава посакуваните резултати и на крај мора да нотирам дека особено ме радува фактот што веќе ги имаме и првите семејства, граѓани коишто сакаат да вдомат кучиња, рече Костадинов.

Директорката на „Лана“, Сузана Стојкова, истакна дека во стационарот бездомните кучиња ќе бидат згрижени, но објектот е и место за едукација и средби на љубителите на животни, но и место каде ќе се разговара за правата на животните и ќе се учи како да се покаже благодарноста кон кучињата.

Изградбата на Стационарот за бездомни кучиња чини 7 милиони денари кои се обезбедени од општинскиот буџет, а проектот го подготви и реализираше Центарот за развој на Југоисточниот плански регион. За функционирање на Стационарот Општината предвидува 4,5 милиони денари годишно, но и самиот ќе обезбедува средства преку заловување и третман на кучињата од општините Босилово и Ново Село.

Инаку, со оперативниот план за работа на Јавното претпријатие за заловување бездомни кучиња “Стационар Лана – Струмица“ во период од 2 години е предвиден целосен третман на целокупниот број бездомни кучиња заедно со новородените и новодојдените на територијата на Општина Струмица.рт

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот