ГАК / Фото: Левица

Од ГАК „заборавија“ да кажат дека обдукцијата за починатото бебе покажа едем и плитки ерозии во грлото и дишникот

Од Клиниката за гинекологија и акушерство денеска го викнаа таткото на починатото бебе Јасир Иљази да му го дадат обдукцискиот наод за смррта на новороденчето за која има внатрешна пријава на Клиниката против докторка за „тежок професионален прекршок“ односно за „несоодветно лекување и предизвикување на компликации што довеле до смрт на машко касно прематурно новороденче“.

Претходно од ГАК испратија соопштение до јавноста во кое истакнаа дека во наодот е констатирано дека дека нема физичка повреда на било кој од органите односно дека ,,по отворањето на градната и абдоминалната празнина, васкуларните органи се со уреден анатомски статус и морфологија“.

Но, во обдукцискиот наод во кој увид имаше „Слободен печат“ е наведено нешто што од ГАК „заборавија“ да го напоменат. Во него е констатирано и наведено дека „во горните дишни патишта на бебето (ларинкс и трахеа) се најдени едем и плитки ерозии на мукозата“. 

Дополнително, пишува дека не се најдени вродени аномалии на срцето, мозокот е без малформации, а како непосредна причина за смртта е наведена респираторна инсуфициенција што претставува состојба во која крвта нема доволно кислород.

Овој случај е предмет на истрага на Обвинителството откако „Слободен печат“ откри дека началничката на одделот за интензивна нега д-р Елизабета Петковска ја пријавила педијатарката од нејзиниот оддел д-р Емилија Бадева „на дежурство сторила тежок професионален прекршок“ односно како што е наведено во пријавата  „несоодветно лекување и предизвикување на компликации што довеле до смрт на машко касно прематурно новороденче“.

„По примопредавањето на првата смена на 1.10.2025 и преземањето на дежурството од страна на д-р Бадева околу 15 часот, истата донела одлука да го реинтубира новороденчето, постапка која што траела безуспешно со повеќекратни обиди за интубација дури 20 минути, при што е повреден ларинксот и предизвикан е супкутан енфизем во вратната регија и десностран масивен пнеумоторакс, што довело до дестабилизирање на новороденчето, кое и по поставувањето на торакалната дренажа од страна на дежурните детски хирурзи и дополнително ординираната медикаментозна терапија, завршило со егзитус леталис (смрт).

Во потврдата која што е издадена на родителите од починатото новороденче, како и барањето за обдукција се наведени неточни податоци за тежината на општата состојба на новороденчето, наведено е спонтано настанување на пнеумотораксот и никаде не е евидентирано дека биле изведувани повеќекратни обиди за реинтубација во период од 20 минути што довело до дестабилизација и дополнителни компликации кај новороденчето како непосредна причина за негов егзитус“, пишува во пријавата доставена до директорката на ГАК Папестиев, а упатена од примариус д-р супспецијалист Елизабета Петковска, началничка на одделот за интензивна нега.

Според информации на „Слободен печат“ поткрепени со материјални докази, барем уште 6 други лица од болницата дале писмени изјави дека сведочеле оти реинтубацијата траела 20 минути. Бадева ова го негира.

Скандал на ГАК: Сомнителна смрт на бебе скриена од семејството – педијатарка го реинтубирала 20 минути

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот