Извор годишен извештај на Њујоршки психијатриски институт за 2004/2005
Извор годишен извештај на Њујоршки психијатриски институт за 2004/2005

Во проектот за „,мозоци во САД“ учествувале психијатриските болници во Бардовци, Демир Хисар и Негорци, но нејасно е со каква точна улога?!

Годишниот извештај од периодот 2004/2005 година од Одделот за психијатрија на Универзитетот Колумбија во САД, со кого соработувале и македонските професори и доктори по судска медицина Алексеј Дума и Горазд Росоклија, на 79-тата страница ги откриваат и другите институции од Македонија што биле вклучени во научното истражување. Во овој извештај што го пронајде „Слободен печат“ (го има на овој линк) е наведено дека тековните проекти во тоа време вклучувале како прв проект „структурни абнормалности на дендритите кај шизофренија и нарушувања на расположението“. Потоа се наведени следните проекти:

Невропатолошки корелации на деменција и шизофренија. Собирање на мозоци и клинички податоци од обдукции на психијатриски пациенти, самоубиства и споредбени случаи во Македонија во соработка со неколку македонски институции – Институтот за судска медицина, Психијатриска болница Скопје (Бардовци), Демир Хисар и Негорци и Медицинскиот факултет.

Не е наведено каква била улогата на овие психијатриски болници, ама пишува во годишниот извештај дека доктор Ендру Џеј Диворк кој фигурира како коавтор со македонските научници, „ги проучува невропатолошките особености на шизофренија и невропатолошките поврзаности на деменцијата која е честа кај постари пациенти со шизофренија“.

Од другите јавно-достапни податоци може да се види дека македонски патолози и форензичари, со повеќегодишна интернационална соработка со Универзитетот Колумбија во Њујорк, создале нов метод за пребојување на мозочното ткиво со име „нео-Голџи“ и тоа го пишува во еден од нивните научни трудови од 2013 година кој го пронајде „Слободен печат“, а е потпишан меѓу другите и од тројцата експерти за судска медицина и за неврологија, професорите и докторите Алексеј Дума, Горазд Росоклија и Ендру Џеј Диворк.

Трудот е објавен и во универзитетски билтен на УГД Гоце Делчев Штип и бил пријавен при обид на една од вклучените професорки да напредува во звања.

Во трудот пишува:

Со процедурата успешно беа обоени 220 блокови од фронтален кортекс или од хипокампус од повеќе од 175 последователни случаи на човечка обдукција.

Еден од авторите, професор доктор Горазд Росоклија објаснил на Рисрч Гејт дека човечките мозоци потекнувале од збирката на мозоци на Македонскиот и Њујоршкиот државен психијатриски институт кој се фокусира на психијатриски заболувања.

Причините за смртта вклучуваа самоубиство, убиство, случајна траума, суицидално и случајно давење, асфиксија со бесење, давење, аспирација, ненадејна електрокуција, суидицална или случајна интоксикација, срцев инфаркт и ретки случаи на други болести вклучително малигни, пневмонија, сепса, панкреатитис и јатрогена тромбоцитопенија.

Нејасно е дали овие ткива потекнуваат од Македонија или од Америка, со оглед на тоа што збирката ткива е наведено дека е заедничка. Самите колаборации меѓу институциите се држат недоволно транспарентни и за нив на страниците на официјалните институции нема објави. Затоа „Слободен печат“ се обрати до Министерството за здравство и до Медицинскиот факултет Скопје за да ни ги достават сите релевантни документи поврзани со соработката меѓу Институтот за судска медицина и Универзитетот Колумбија од 1996 до 2016 година. Барања за повеќе информации доставивме и до Универзитетот Колумбија во Њујорк.

Професорот Росоклија вели дека се работело за грант-проект за истражувачка дејност, кој бил потпишан во 1996 година помеѓу Универзитетот Колумбија и македонските медицински експерти, како и со Институтот за судска медицина, Институтот за патологија и Психијатриската клиника.

Професорот Горазд Росоклија вчера за „Телма“ изјави дека сите активности биле целосно етички и легални, а за секое испратено ткиво истражувачите имале потпишана согласност од семејствата на починатите:

„Тој грант како и сите други грантови со Македонија (мислам 6 или 7) ги имаат сите согласности од етичките комитети на Медицинскиот факултет, после 2006 кога станав академик и на етичкиот комитет на МАНУ, како и на Колумбија, и за секое ткиво кое е користено има писмен консент од семејството за интервју и за користење на ткивото“, вели професорот во изјавата за „Телма“.

Според него, грантот бил исклучиво наменет за научни истражувања и развој, без какви било други активности или финансиски злоупотреби.

Но, во „Топ тема“ поранешната новинарка Менче Точи рече дека таа одамна ја истражувала темата со испраќањето мозочно ткиво од починати пациенти од Македонија во САД, но никогаш не ја објавила приказната. Таа го обвини професорот Росоклија дека тогаш ѝ вршел притисок да не објавува за проектот.

„Кога дојдов до името на професорот Росоклија како носител на проектот, стапив во контакт со него, но тој не сакаше да зборува – проектот бил завршен и немало зошто јавноста да се занимава со тоа“, рече Точи и додаде дека Росоклија во неколку наврати вршел притисок тоа да не се објавува.

„Работев на тој случај, веќе имав околу четири страни, но заради притисоците дигнав раце и не ја продолжив сторијата“, рече Точи, која како новинарка беше специјалистка за здравството.

Таа се присети на средба со професорот Росоклија во Скопје.

„Се сретнавме во познатата пицерија ‘Галија‘, и тука почнаа убедувања зошто да се откажам од проектот, да не објавувам ништо, дека сè е во ред, дека работат на епохални откритија. Имиња нема да спомнувам, се јавив и во Судска медицина, и таму ми рекоа дека има проект. И дека соседна Бугарија сакала да го земе проектот, но еве ние сме го зеле и треба да сме среќни. Зошто почнаа притисоци од професорот да не објавувам ништо, не знам. Она што ме шокираше сите овие години е тоа што на една од телевизиите излезе прилог како кампања во позитивна смисла за проектот, дека во Македонија се прави многу добро нешто. Јас тогаш не почнав со истражувањето, бидејќи бев во фаза на докажување и доверба во тогашната телевизија во која работев“, објасни поранешната новинарка на „А1“.

Точи откри и дека подоцна добила покана од професорот Росоклија да престојува еден месец на Универзитетот Колумбија, но ја одбила.

Според професор Росоклија имало процедура, како и согласност од роднините на починатите пациенти за употреба на мозочните ткива исклучиво во научни цели и во лаборатории и во странство.

Ексдиректорот на Институтот за судска медицина проф. д-р Алексеј Дума, рече дека научниците се фокусирале на стручната работа и стручниот начин на анализирање на ткивата во потребната цел.

-На почетокот беше шизофренија, па подоцна поради одредени стекнати дополнителни сознанија во текот на работата се отворија и самоубиствата, па до највисоките степени на депресија. Работевме исклучително според правните и етичките норми пропишани во развиениот свет, Америка беше многу пред нас и ги имаше решено тие проблеми административно, комплетно и целосно. Значи ние се трудевме да ги задоволиме нивните барања, во тие институции. И сето тоа, за да помине до таму, мораше прво да биде регулирано тука во земјите каде што излегуваат, објасни Дума.

Мозоци на починати Македонци со психијатриска дијагноза, како чекиран багаж биле транспортирани на комерцијални летови во САД и Канада за медицински истражувања

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот