Во Охрид и Струга ќе се одржи голема вежба на НАТО „Северна Македонија 2021“ за справување со кризи

Фото: МИА

Членството на Северна Македонија во НАТО не значи само нејзина воена заштита во рамки на Алијансата, туку и соработка на земјите-членки и меѓусебна помош во вонредни ситуации и несреќи. Токму соочувањето на државата со можно сценарио на катастрофален земјотрес што би го зафатил Охридско-струшкиот регион и начинот на искористувањето на своите ресурси, како и помош од партнерите од НАТО во услови кога се исцрпени сите постоечки капациети за справување со кризата, е сценариото на големата вежба на НАТО „Северна Македонија 2021“ што деновиве ќе се одржува на повеќе локации во Охрид и Струга.

На денешната прес-конференција во врска со вежбата беше појаснето дека станува збор за активности во рамки на Агендата на НАТО 2023 за цивилна подготвеност на земјите-членки на Алијансата.

– Република Северна Македонија се уште е во кризна состојба по однос состојбата со мигрантите. Летово се соочивме со голем број пожари, а веќе втора година се соочуваме со епидемијата на ковид-19. Подготвувањето вежба од ваков калибар е голем предизвик, со тестирање на сите национални капацитети како земја домаќин, но и заложбите за демонстрација на подготвеност за организирање ваков голем настан, рече Урим Вејсели, директор на вежбата и одговорен за меѓународна соработка во Центарот за управување со кризи.

Главни цели на вежбата ќе биде тестирање на капацитетите и ресурсите на Системот за управување со кризи, проверка на подготвеноста на т.н. (NICS) – Напреден систем за централно следење и управување со кризи со Команден центар што во реално време ќе може да управува со сите расположиви ресурси на регионално ниво, како и проба на мерката за слободен проток на техника и луѓе преку границите меѓу членките на НАТО во случаи на кризи.

– Во случај кога државата ги исцрпила сите ресурси и бара помош од партнерите, преку воспоставените меморандуми за брз проток на екипи за спасување и помош во рамки на Алијансата се овозможува избегнување на бирократските процедури што се применуваат на граничните премини во нормални ситуации, појасни Вејсели.

За првпат во С. Македонија се одржува хибридна вежба, со теренски и командно-штабни активности, но и симпозиум со теми од областите на цивилно-воената соработка во кризни ситуации и улогата на Армијата во случај на криза, имајќи предвид дека ангажманот на воените сили е последниот ресурс што треба да се ангажира во какви било околности.

Главниот координатор на вежбата од НАТО Вим Ванхаме нагласи дека се работи за цивилна, а не воена вежба.

– Безбедноста не се остварува само преку воени средства. Мисијата на НАТО подразбира безбедност на државите-членки во воени, но и во услови на кризи и природни несреќи. Активностите и вежбите на НАТО како „Северна Македонија 2021“ ни даваат можност да ја провериме подготвеноста на нашите цивилни капацитети за соочување и справување со кризи, но уште повеќе да ја промовираме и продлабочуваме регионалната соработка и интероперабилност. За Северна Македонија како организатор оваа вежба претставува потврда на нејзиниот успешен пат од парнерство до членство во НАТО, рече Ванхаме.

На настанот ќе учествуваат претставници од 28 држави членки и парнери на НАТО и неколку меѓународни организации. Како што беше истакнато, вежбата ќе им овозможи на екипите за брза реакција во кризи, но и на планерите и проценителите, да разработуваат и вежбаат активности за потрага и спасување во урбана средина, но и на вода и во планина, потоа вежби на медицински тимови за итни случаи, но и активности на екипи за детекција и идентификација на хемиски, биолошки и радиолошки агенси, како и активности поврзани со дезинформации.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот