Израелски напади во Бејрут, Либан/Фото: Houssam Shbaro / AFP / Profimedia

Во израелски напад во јужен Либан загинаа најмалку 12 медицински работници

Во израелски воздушен напад врз здравствен центар во јужен Либан загинале најмалку 12 медицински работници, меѓу кои лекари и медицински сестри, соопшти либанското Министерство за здравство, пренесува Ал Џезира.

Нападот се случил во текот на ноќта во градот Бурџ Калавија, каде бил погоден главниот здравствен центар во тој регион, пренесува Би-би-си повикувајќи се на либанските власти.

Ова е последен во низата израелски напади во Либан, откако регионалниот конфликт меѓу Иран, Израел и САД ескалираше на почетокот на март.

Според локални извори, израелските воздушни напади во текот на ноќта погодиле и други цели во јужен Либан, меѓу кои патишта и мостови.

Во меѓувреме, Израел речиси ја удвоил зоната за евакуација на југот на Либан и ги повикал жителите да го напуштат регионот и да се упатат кон северниот дел од земјата.

Хуманитарните организации и либанските власти предупредуваат дека се соочуваат со сериозни тешкотии во згрижувањето на големиот број раселени лица.

Тензиите во Либан се зголемуваат во услови на жестоки напади меѓу Израел и Хезболах. Оваа шиитска вооружена група, која има силна поддршка од Иран, се вклучи во судирите со Израел по почетокот на војната меѓу Иран и сојузот на Израел и САД.

Во последните две недели конфликтот се прошири и на други делови од Блискиот Исток, вклучително и Либан и Ирак, додека американските и израелските сили извршија повеќе напади врз ирански воени цели.

Поради ширењето на судирите и нападите врз инфраструктура и цивилни објекти, меѓународните организации сè почесто предупредуваат на ризик од голема регионална војна.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот