Во Гостивар ќе се повторат изборите поради одзивот, фалат 22 гласа
Во Гостивар изборите ќе се повторат поради малиот одзив на гласачите во првиот круг од локалните избори во неделата.
Препорачано
Според податоците на Државната изборна комисија за да бидат успешни изборите фалеле 22 гласа, па кандидатот на коалицијата предводена од ДУИ, Валбон Лимани, не ја прослави убедливата победа во првиот круг од локалните избори.
ДИК соопшти дека во Гостивар не бил постигнат потребниот цензус на изборите – да излезат една третина од запишаните гласачи. Излегле 33,31 отсто од гласачите, што значи дека недостигале само 0,02 проценти, поради што изборите ќе се повторат.
Лимани освои 16,949 гласови (61,39 отсто), додека Сабаедин Даути од Вреди 4.221 (15,29 отсто).
Ова беше сигурна општина за коалицијата предводена од ДУИ и за да не успеат изборите имаше тивок бојкот на политичките противници, што на крај резултираше и со неуспешност на изборите. И на гласањето за советници коалицијата НАИ однесе голема победа.
Повторување на изборите ќе има уште во три општини: Центар Жупа (излезноста беше 21,49), Маврово и Ростуше (30,31) и Врапчиште (25,18)
Според првичните официјални резултати, во првиот круг од локалните избори, ВМРО-ДПМНЕ освои градоначалнички места во 33 општини, коалицијата Вреди во пет, НАИ во три и СДСМ во три.
Излезноста на локалните избори е 46,63 проценти, односно на изборите излегле да гласаат 854.620 граѓани. Во 33 општини за две недели на 2 ноември ќе има втор изборен круг за избор на градоначалник.


