„Тајната вечера“ од Томе Мишев

Во галеријата „Метаноја“ ќе биде отворена изложбата „Исцелување на животот“ од Томе Мишев

Отворањето на изложбата „Исцелување на животот“ на академскиот сликар Томе Мишев ќе се одржи на 8 април, од 19:00 часот, во галеријата „Метаноја“ во Скопје.

За изложбата д-р Коста Милков напиша: „Сликите на Мишев држат рамнотежа меѓу мачнината и убавината на постоењето, меѓу егоизмот и алтруизмот, меѓу ризикот и љубовта, меѓу стравот и надежта. Човечките фигури се најчесто поставени централно, а сцените околу нив се раздвижени во дејство, во драма и во неизвесност. Гледајќи во која било слика од опусот на Мишев не може да не си го поставиме прашањето дали гледаме во нешто сакрално кое повикува на светост, нешто онирично кое нѐ воведува во светот на соништата, нешто трагично кое нѐ поттикнува на интроспекција, или нешто жизнерадосно со кое сите претходни состојби ни стануваат полесни? Веројатно од сѐ по малку и сите заедно. Сликите на Томе Мишев сведочат за копнежот на човештвото за исцелување на животот.“

Томе Мишев е роден во 1958 година во Струмица. Дипломира на Факултетот за ликовни уметности и е член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. ( ДЛУМ). Неговото творештво е презентирано низ бројни самостојни и групни изложби, како и ликовни колонии во земјата и во странство.

Во 2001 година ги добил наградите за сликарство „Димитар Пандилов“ (ДЛУМ) и „Методија Ивановски – Менде“ (КИЦ). Во 2006 ја добил наградата за сликарство „Лазар Личеноски“ (ДЛУМ). Во 2010 година Советот на град Неготино му ја доделил наградата „8 Ноември“ за придонес во областа на културата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот