Во Франција се следат повеќе осомничени за тероризам отколку за организиран криминал
Борбата против тероризмот беше главната причина за употребата на техники за надзор од страна на француските разузнавачки служби во 2024 година, надминувајќи ја борбата против организираниот криминал, според независната Комисија, чија одговорност е да ја контролира употребата на овие алатки за следење.
Препорачано
„Спречувањето на тероризмот стана главна причина, како во однос на бројот на луѓе (30% од оние што се ставени под надзор), така и по применетите методи (39,3% од барањата“, објасни Националната комисија за контрола на информациски техники (CNCTR) во својот годишен извештај за 2024 година, објавен вчера.
Минатиот март, француската влада потсети дека терористичката закана „ненадејно се зголемила“ по октомври 2023 година, кога избувна војната во Појасот Газа, а потоа, со соборувањето на сирискиот режим, што ја интензивираше геополитичката нестабилност. „Во 2024 година, [француските] служби спречија 9 обиди за напади, а сторителите беа главно симпатизери на Исламската држава“, организацијата што останува главна надворешна закана за земјата.
CNCTR има овластување да одобри какво било барање за користење на некаков вид технички надзор од страна на различните француски служби кои имаат право да ги користат [Генерален директорат за надворешна безбедност (DGSE), Генерален директорат за внатрешна безбедност (DGSI), царина, затворска служба итн.].
2024 година беше посебна година за Франција, бидејќи беше домаќин на Олимписките игри, беа организирани многу изборни процеси, а во Нова Каледонија се случија и немири, резимираше претседателот на CNCTR, Винсент Мазорик.
Вкупниот број на лица под надзор остана релативно стабилен на 24.308 (+0,4%), додека во 2023 година имаше нагло зголемување (+15%). Вкупниот број на употреба на техники за надзор исто така се зголеми за 3%, на 98.883.
Во 2023 година, за прв пат по многу години, бројот на лица под надзор во контекст на борбата против организираниот криминал (вклучувајќи ја и трговијата со дрога) го надмина бројот на лица следени за цели на борба против тероризмот.
Во однос на употребените средства, службите сè повеќе прибегнуваат кон собирање дигитализирани податоци, како и скриени камери и микрофони во приватни простори (зголемување од 150% помеѓу 2020 и 2024 година). Класичните телефонски прислушувања се намалуваат, но сепак го сочинуваат најголемиот дел.


