Христијан Мицкоски во интервју на „Канал 5“ / Фото: скриншот

Во Брисел има опција да нè примат во ЕУ уште догодина, но без право на глас, тврди Мицкоски

Постои можност Македонија да влезе во Европската Унија за помалку од една година, на почетокот на 2027 година, но без право на глас. Ова вечерва го изјави премиерот Христијан Мицкоски во интервју на телевизијата „Канал 5“, одговарајќи на прашањето дали ЕУ има некаква алтернатива за земјава, со оглед на закочените евроинтеграции.

Мицкоски вели дека во Брисел сè погласно се слушала идејата која го опфаќа мировниот план за Украина, во кој нејзината интеграција во Европската Унија, со цел идна реконструкција, би била на брза лента. Во таквите сценарија, како што тврди премиерот, е вклучена и Македонија.

„Првото сценарио е Украина заедно со Црна Гора, Албанија и Македонија да стане земја членка на ЕУ и тоа да се случува на почетокот на 2027 година – да седне на масата, да се развиори македонското знаме во Брисел, но без право на глас. Да учествуваме во работата на советот, комисиите, телата, но без право на глас со многу внатрешни контролни механизми. Како ќе ги затвора поглавјата, земјата постепено да се интергрира сè додека целосно не го адаптира својот систем на она што го бара Европската Унија“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека во оваа смисла треба да бидат исполнети два услова, кои се задолжителни. Првиот, како што тврди премиерот, е нешто што земјава го има исполнето прва во регионот, а тоа е заедничката надворешна и безбедносна политика со ЕУ. Вториот услов е владеењето на правото. На прашањето дали за земјава услов ќе бидат и уставните измени, Мицкоски рече:

„Претпоставувам дека за нас услов ќе бидат и уставните измени, но генерално зборувам како пакет. За нас претпоставувам дека и тоа ќе биде, бидејќи е прифатено од страна на претходната влада. Оваа интеграција би се случила некаде на почетокот на 2027 година. Вториот услов е на ова да се приклучат и другите земји од регионот, а тоа се Босна и Херцеговина, Србија, Косово и Молдавија, којашто е малку подалеку од регионот.“

Ова, како што рече Мицкоски, е она што во моментов „се слуша во Брисел“, а тема на дискусија било и на Минхенската безбедносна конференција. Сепак, како што рече, исполнувањето на ваквите сценарија зависи од многу параметри, како мировниот план за Украина и консензусот за евентуален мировен договор.

Премиерот вели дека Владата ќе работи на решение за откочување на евроинтеграциите, „но не под притисок“, и оти таа „ќе биде проактивна“ во процесот за изнаоѓање решение за проблемот кој рече дека е „наследен од претходната влада“.

Цветановски, Биковски, Топалова-Исајловска – имиња кои се споменуваат за наследник на Коцевски

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот