Во Битола отворен Младински центар, целта е да се вклучат младите во локалната заедница
Денес во Битола беше промовиран новиот Младински центар , чија основна задача ќе биде поддржување на личниот и социјален развој на младите битолчани преку обезбедување организирана и структурирана поддршка насочена кон зајакнување на нивните лични и социјални способности, нивната самодоверба, како и потенцирање на важноста на заедничкото живеење и делување во градот.
Препорачано
„Младинскиот центар ќе биде место за младите каде што ќе се работи на нивниот личен развој и професионалната надградба. Една од целите во програмата за спорт и млади за 2023 година, е воспоставување на дијалог помеѓу општината и младите и институционален развој за прашањата поврзани со нив, при што се продлабочува начинот на вклучување на младите во локалната заедница. За таа цел, Општината Битола отстапи простор и целосно го финансира работењето на Младинскиот центар со 600.000 денари за оваа година-рече на отворањето на центарот“, градоначалникот на Битола Тони Коњановски.
Преку јавен повик, објавен од страна на општината беа избрани младински организации кои ќе раководат со Младинскиот центар, во временски период од пет години.
Тоа се три регистрирани организации за млади со седиште во Битола и секоја од нив има своја задача во работењето. Здружението за одржлив развој “Сфера Интернешнал” ќе ја има организационата поставеност, додека за програмската координација се задолжени ИМКА и МКЦ од Битола.
Младинскиот центар е од отворен тип и се наоѓа во просториите на МЗ „Вељко Влаховиќ” во Битола.


