Во Белата палата денеска прва средба на работните групи на ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ за новата влада
Работните групи на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Вреди“ денеска во 14 часот во Белата палата ќе одржат прва средба за формирање на новата влада, велат за „Слободен печат“ од „Вреди“. Тимовите за преговори се веќе подготвени и како што брифираат, на првиот состанок се очекува да ја дефинираат динамиката и методологијата на работа ќе се дефинираат областите и ќе почнат разговори за усогласување на програмата на идната влада.
Препорачано
Тимот на ВМРО-ДПМНЕ е на потпретседателско ниво, односно преговорите ќе ги водат Александар Николовски, Владо Мисајловски, Гордана Димитриевска Кочовска и Тимчо Муцунски. Во тимот на коалицијата „Вреди“ се Азир Алиу од Алијанса на Арбен Таравари, Висар Ганиу од Демократско движење, Аднан Азизи од Беса и Башким Муртези од Алтернатива.
Два дена по изборите претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски со потпретседателите оствари прва средба со лидерите на „Вреди“ Арбен Таравари, Билал Касами, Изет Меџити и Африм Гаши во седиштето на албанската коалиција во скопската чаршија. По лидерската средба од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека се договорени општите начела на соработка за идната влада, која ќе се базира на три постулати: евроинтеграции, забрзан економски развој, борба против криминалот и корупцијата и владеење на правото.


