Во „Аудиокултура“ ќе се одржи промоцијата на вториот роман на Тина Иванова

Насловна корица на романот и авторката Тина Иванова

Новиот роман на Тина Иванова под наслов „Се чини сѐ уште постои љубов или: Љубов во време на корона“ е приказна за љубовта помеѓу еден маж и една жена.

Од една страна, зборува за љубовта помеѓу Ана и Дениал, љубов помеѓу христијанка и муслиман, за онаа чиста, искрена, невина љубов, речиси нереална – опишувана во некој класичен роман.

Од друга страна, пак, приказната третира уште една верзија на љубов или „нељубов“, како контрапункт на среќната, полетната, безграничната, безусловната, полна со радост, а тоа е онаа грдата, измамничката, полна со сомнежи, непочитување, тага. Локацијата е Скопје, градот кој дише во наративот како едно соединение со ликовите.

Но, во суштина, книгата зборува за предрасудите, пред сè, за религиските, а со тоа и за социјалните судови, за неразумните однесувања и за искривеностите во верувањата, наметнати од религиските авторитети помеѓу луѓето, кои се провлекуваат низ одредени дијалози и размислувања на главниот лик Ана.

Промоцијата на романот ќе се одржи на 16 декември, со почеток во 19 часот, во „Аудиокултура“. Промотор на книгата ќе биде новинарот, писател и активист за човекови права, Џабир Дерала. Промоцијата ќе биде збогатена со настап на двајцата извонредни пијанисти Дино Имери и Дуња Иванова.

Тина Иванова е авторка на повеќе книжевни дела, за кои е добитничка на неколку значајни награди. „Се чини сѐ уште постои љубов или: Љубов во време на корона“ е нејзин втор роман.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот