ВМРО-ДПМНЕ реагира – нема да има кампови за мигранти
ВМРО-ДПМНЕ реагираше на прес-конференцијата на која СДСM праша дали при посетата во Велика Британија премиерот Христијан Мицкоски договорил кампови за мигранти во земјава. Од партијата тоа го нарекуваат „бесмисленост“.
Препорачано
Лага и на денешната прес-конференција. И после едвај 120.000 гласови добиени додека е на пат на пасокизација, да ја доживее судбината на левата грчка партија која се распадна, СДСМ продолжува со истите глупости и измислици. Граѓаните ви кажаа што мислат за ваквите ваши глупости. Со лаги како оваа не се добива доверба кај граѓаните, реагира ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ денеска на прес-конференција истакна дека македонската влада избегнува да даде одговори на клучните прашања дали и што е договорено во однос на прифаќањето на мигранти и отворањето на мигрантски кампови во Македонија.
– Според информациите кои ги имаме од Британија, но и оние кои јавно ги објавија реномираните британски медиуми, фокусот на средбите на британската влада било токму ова прашање, но од нашата влада нема ниедна точна информација. Ова е јасен знак дека повторно на оваа тема нешто се крие. Мицкоски одбил да разговара на оваа тема со реномираниот медиум „Тајмс“ и вчера дал само штур одговор за македонската национална телевизија – рече портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.


