Влезот во НАТО значи излез од многу кризи

Влада на РСМ НАТО и македонија
Влада на РСМ / Фото: МИА

Стабилна економија, нови работни места, драстично зголемување на странските инвестиции, безбедносни гаранции, цврсти државни граници, подобрување на ифраструктурата и далеку подобра позиција во меѓународната политика – тоа се главните придобивките од членството на земјава во НАТО. Како што објаснуваат познавачите, по официјалното членство на Македонија во Алијансата целосно ќе исчезне можноста за дестабилизација на државата од разни екстремни групи и деструктивци. Но, и покрај овие политичко-безбедносни гаранции што ќе ѝ следуваат на Македонија, посочуваат експертите, членството во НАТО ќе нè направи побезбедна и попривлечна дестинација за странски инвестиции.

Интеграцијата во НАТО ќе има позитивно влијание врз развојот на инфраструктурата, бидејќи тогаш ќе се градат нови патишта, железници, комуникациски и енергетски системи. Покрај тоа, додаваат експертите, членството во Алијансата ќе влијае позитивно и врз други сектори какви што се информатичката и телекомуникациската индустрија, туризмот и образованието. Тоа го потврдија и од Народната банка (НБРМ) од каде што посочија дека со влезот на земјава во Алијансата се очекува повисок прилив на странски директни инвестиции.

Економски придобивки

Кога станува збор за нашето членство во НАТО и за придобивките од полноправното учество во Алијансата, освен сигурност и стабилност, тоа значи и големи економски придобивки, истакна премиерот Зоран Заев.

Тој посочи дека за кусо време компаниите од нашата земја ќе се стекнат со право да учествуваат во логистиката во работата и во операциите на НАТО.

– Тоа значи пристап до десетици милијарди евра и затоа ги исполнуваме сите услови нашите компании да бидат подготвени. Во таа насока на последната седница го усвоивме и го пуштивме во постапка на усвојување во Собранието предлог-законот за стратешки инвестиции. Тоа законско решение ќе овозможи во земјата да дојдат големи инвестиции од најмалку 100 милиони евра на национално ниво. Најавувам пет такви големи инвестиции од посебен јавен интерес и затоа одлучивме дека тие треба да бидат одобрени и поддржани во Собранието – рече Заев.

Вицепремиерот Кочо Анѓушев истакна дека членството во Алијансата е важно за економијата од две фундаментални причини и тоа во делот на инвестициите. Прво, како што рече, за да се охрабрат и странските и домашни инвеститори да продолжат со инвестирање, важно е да знаат оти тоа го прават во стабилна држава и дека нивните инвестиции ќе бидат заштитени.

– Со полноправното членство во НАТО нашите компании ќе имаат можност да учествуваат во синџирот на набавки и снабдување со производи за потребите на трупите на НАТО – рече Анѓушев.

Тој посочи дека се работи за значителен буџет што се мери во милијарди евра во агенциите на НАТО за сервиси и набавки и за комуникации и информатика. Вицепремиерот спомна вкупно пет милијарди евра што се на располагање на нашите компании рамноправно да учествуваат како и сите други компании од земјите членки на Алијансата.

– Можеби немаме ракетни системи и оружје во производство, но имаме производи кои може да бидат понудени во делот на храната, текстилот, обувки, кожна и метална индустрија, придружни логистички потреби на Армијата, како и во делот на информатиката – рече вицепремиерот Анѓушев.

Нов маратон

Универзитетскиот професор Марјан Ѓуровски смета дека НАТО е предворје за ЕУ, цивилизациска придобивка, чест, привилегија, но и обврска.

– Членството во НАТО ќе го означи крајот на повеќедецениската македонска транзиција. Целосната интеграција ќе ја зајакне безбедноста и суверенитетот на државата. Членството во Алијансата е придобивка, но и обврска. Најважно е Македонија да продолжи на својот пат кон реформите за одбранбената адаптација, за домашните реформи, особено владеењето на правото, борбата против организираниот криминал и корупцијата и другите преземени обврски на исполнување на стандардите во Армијата и подобрување на професионалниот и животен стандард на вработените во неа. Членството во НАТО не е крај на патувањето, туку почеток на нов маратон за ЕУ – истакна Ѓуровски.

Тој посочи дека членството во НАТО може да овозможи справување со заканите посебно од трети земји.

– Државите од Западен Балкан покрај заеднички проблеми имаат заеднички интереси и затоа не треба да се дозволи статус-кво состојба на Балканот, бидејќи тоа ќе создаде можност трети земји да остварат влијание во регионот – објаснува Ѓуровски.

Елмас Хасановиќ од Инфоцентарот за евроатлантски евроинтеграции потсетува дека не е целта само да дискутираме за придобивките, туку и за предизвиците, но и за она што ние како земја можеме да ѝ го понудиме на Алијансата. Тој тврди дека на членството на Македонија во НАТО најмногу ќе се израдуваат најмладите.

– Голем акцент ставаме и на придобивките за младите, можностите за реализација во земја-членка на НАТО, како и можностите за студирање, волонтирање и за работа во НАТО како рамноправна членка на Алијансата – истакна Хасановиќ.

Земјава ја доби поканата за членство во Алијансата лани на Самитот на НАТО на 12 јули, односно откако беше потпишан Преспанскиот договор. Досега протоколот за членство во НАТО го ратификуваа сите земји членки со исклучок на Шпанија, поради тоа што подолго време не може да формира влада.

На крајот на процедурата за ратификација од сите земји на Алијансата, Македонија која веќе има статус на „земја гостинка“, ќе стане 30-та членка на НАТО и ќе ги има истите права и обврски како и другите сојузници.

Растот на инвестициите е загарантиран

Анализите покажуваат дека економиите на сите земји по нивниот влез во Алијансата доживеале позитивен пресврт. Се бележи двојно до тројно зголемување на странските инвестиции, кои значајно го придвижуваат економскиот раст.

Црна Гора, на пример, која е земја-членка на НАТО од април 2017 година, само за една година забележала двоен раст на инвестициите, од 96 милиони евра во 2017 година на 215 милиони евра во 2018 година.

Соседна Бугарија за една година откако стана членка на НАТО, забележала раст на инвестициите за цели 36 отсто, односно од 7,5 милијарди евра во 2004 година на 11,5 милијарди евра во 2005 година.

Тројно зголемување на инвестициите се случило и во Естонија. Во 2004 година оваа земја имала раст на инвестициите од 775 милиони евра, а во 2005 година тие инвестиции изнесувале 2 милијарди евра.

Криволак засега нема да биде база на НАТО

Најголемиот воен полигон во земјава Криволак, веројатно нема да биде претворен во постојана база на НАТО, коментираат од Владата и посочуваат дека такво нешто засега никој не побарал. Сепак, оттаму додаваат дека со оглед на тоа што на Криволак честопати се одржуваат воени вежби, во план е модернизација на овој полигон со цел да биде попривлечен за НАТО. Како што брифираат оттаму, веќе се уплатени средства на сметката на Општина Неготино за реконструкција на патот што води до полигонот, а намерата е со поголем број воени вежби да се извлече економскиот бенефит во корист на околните населени места и општини.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот