Владините партнери како раштиман оркестар за балансерот
Арбен Таравари од Коалицијата Вреди тврди дека има владин договор балансерот да биде заменет со закон за правична застапеност, министерот за јавна администрација Горан Минчев од ЗНАМ не е сигурен дали ќе има законско решение, додека од ВМРО-ДПМНЕ велат дека сè уште нема решение и дека во владината програма не е предвидено такво нешто.
Владините партнери ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и Вреди како раштиман оркестар за тоа дали ќе има закон за правична застапеност, откако Уставниот суд донесе времена мерка за стопирање на етничките вработувања, односно го стави балансерот надвор од правен промет. Арбен Таравари од Коалицијата Вреди тврди дека има владин договор балансерот да биде заменет со закон за правична застапеност, министерот за јавна администрација Горан Минчев од ЗНАМ не е сигурен дали ќе има законско решение, додека од ВМРО-ДПМНЕ велат дека уште нема решение и дека во владината програма не е предвидено такво нешто.
Владините партнери имаат и различни позиции за одлуката на Уставниот суд. Таравари смета дека Судот избрзал со балансерот, премиерот Христијан Мицкоски не коментира, додека Минчев не ја коментира, ама ја поздравува.
Во владината програма, во делот „Реформи во политичкиот систем“ пишува:
„Целосно почитувајќи го уставниот принцип за соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во Македонија, Владата ќе ја измени постоечката регулатива, со цел напуштање на алатката балансер при вработувањата. На овој начин првенствено ќе се почитуваат личните квалитети, стручноста, компетентноста и мерит системот при вработувањата во државните институции“.
– Одлуката на Уставниот суд за балансерот е избрзана. Во Уставниот суд, за жал, се судии што се избрани, иако судиите треба да бидат неутрални. Не ни требаат вакви тензични состојби во овој период. Напротив, ние и така имавме договор со ВМРО-ДПМНЕ пред да почне коалицијата дека треба да се договориме за законот за правична застапеност на сите заедници, не само етничката припадност, туку и за други категории граѓани што не се застапени како што треба. Но, некако се избрза. Некој можеби сакаше да се зборува за ова и да се дефокусира од другите побитни теми – смета Таравари.
Тој оцени дека балансерот била добра алатка, но дека во изминатиов период се злоупотребувала и дека мора да се најде решение за сите категории луѓе да бидат застапени во државната администрација.
– Како Алијанса од 2020 година бевме против балансерот, мислевме дека треба да се замени со закон за правична застапеност. Сега на Ахмети и на сателитите околу него им текна дека требало да се направи порано. Законот треба да се синхронизира со владините партнери и да се пушти во парламентот – рече Таравари.
Според изјавата на Таравари, законското решение го подготвува Вреди, а не Владата, бидејќи и ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ тврдат дека засега не се подготвува закон за правична застапеност.
И од Вреди велат дека подготвуваат закон за правична застапеност и дека ќе биде ставен на увид на експертската јавност за да добијат ефикасно и одржливо решени кое целосно ќе биде спроведливо во практиката и ќе им овозможи на Албанците да се вработуваат во државните институции врз основа на професионални вештини, а не поради партиска припадност. Според Вреди, замрзнувањето на балансерот нема да спречува вработување на Албанците во органите на државна управа и во овој период на правен вакуум.
Премиерот останува на ставот дека во јавната администрација унапредувањата и вработувањата треба да бидат според мерит-системот.
– Унапредувањата и вработувањата треба да се темелат на квалитет. Тоа цело време го заговараме. Одлуката не е конечна, туку тој дел од законот го ставаат во мирување до носење конечна одлука. Ќе останам на позицијата дека одлуките на Уставен не треба да се коментираат, може да ни се допаѓаат или не, но не треба да се коментираат – рече Мицкоски.
И министерот за јавна администрација Минчев потврди дека не подготвуваат закон и дека ќе чекаат на конечната одлука на Уставниот суд за балансерот.
– Уставниот суд донесе времена мерка со којашто се стопираат одредени одредби или членови токму од овие закони што се предмет на дебата, а тоа се законите за вработените во јавниот сектор и Законот за административните службеници. Во принцип, Министерството за јавна администрација не ја коментира времената мерка на Уставниот суд, затоа што таа е извршна и се спроведува. Ако ме прашате за мој личен став, јас кажав дека „балансерот“, како една од тие одредби што со времената мерка се стопираат, мислам дека „балансерот“ како дигитална алатка во минатото навистина беше предмет на злоупотреби и, ако ја разгледуваме во тој контекст одлуката на Уставниот суд, ја поздравувам – изјави Минчев.
За законските решенија, министерот рече дека во моментот не може да каже дали ќе има ново и какво ќе биде законското решение.
– Што се однесува до законските решенија јас во овој момент не би можел да кажам дали ќе има ново или каква ќе биде содржината на тоа законско решение. Секако би ја причекал конечната одлука на Уставниот суд. Во зависност од тоа каква ќе биде, ние би пристапиле кон евентуално ново законско решение кое, патем мора да кажам, е уставна категорија – рече Минчев.
Тој осуди какви било протести врзани за балансерот и рече дека во рамките на владината коалиција ќе има отворена дебата.
– Законот не е во подготовка, Министерството за јавна администрација е носител на овие две законски решенија, јас се надевам дека во рамките на владината коалиција ќе имаме отворена дебата за она што следува. Каков било повик на протести или на дестабилизација на државата за укинување или за времена мерка на „балансерот“ ги осудувам – рече Минчев.
Тој додаде дека сеопфатната реформа во јавната администрација ќе мора да се заснова на знаења, квалитет, стручност и професионалност.
Опозициската ДУИ е загрижена од одлука на Уставниот суд, зашто „со неа се прекршуваат клучните одредби од Уставот и ги загрозува темелите на мултиетничкото општество“.
– Со оваа одлука се нарушува правичната застапеност на Албанците во државните институции, односно нема повеќе вработување за Албанците. ДУИ апелира за итно преиспитување на одлуката со цел да се заштити интегритетот на уставниот поредок и да се обезбеди принципот на правична и соодветна застапеност да остане ефективен и применлив во практиката – велат од ДУИ.