Владина помош и за протестите на ВМРО ДПМНЕ

Љубиша Николовски
Љубиша Николовски. / Фото: Слободен печат

Помош ќе добијат и сите оние од ВМРО ДПМНЕ и од останати опозициски партии кои излегуваат на протести против Владата, но, кои во секојдневниот живот спаѓаат во било која категорија што ги опфаќаат 31- та мерка на Владата токму на СДСМ

Што не е јасно?
Граѓаните заглавени во економска и здравствена криза побараа помош од Владата, – и ја добија. Помош побараа и синдикатот и стопанските комори. И тие го добија она што и самите во консултација со Владата го побараа. Едните, задржување на работниците на работа, другите финансиска подршка на фирмите најпогодени од кризата.

Помош ќе добијат и сите оние од ВМРО ДПМНЕ и од останати опозициски партии кои излегуваат на протести против Владата, но, кои во секојдневниот живот спаѓаат во било која категорија што ги опфаќаат 31- та мерка на Владата токму на СДСМ. Исто како што добија и од претходните три пакети мерки, кои со картички, кои без картички.
Тогаш зошто лидерот на ВМРО-ДПМНЕ е против мерките?
Дали е Раководството на ВМРО ДПМНЕ против закрепнување на граѓаните?
Или сметаат дека е малку она што сега се планира да се издвои? Тогаш што предлагаат тие, можеби поголемо задолжување на државата?
Не слушнавме никакви конкретни предлози од претседателот на партијата Мицковски, освен политички квалификации за актуелната власт кои секојдневно ги „истураат“ неговите гласноговорници. Иако граѓаните, особено нивните подржувачи веројатно очекуваа многу повеќе и подобри предлог мерки од своите политички репрезенти, кои евентуално би им ги испорачале како пакет помош, доколку тие би биле на власт. Ништо од тоа не добија.
Зачудува што од април наваму со свои идеи и забелешки не се појавил професорот Трајко Славески кој е и водач на економскиот тим на партијата, кој барем има стручни и чисто економски забелешки на мерките на власта.
Иако и тогаш единствениот предлог кој партијата го испорача беше барањето, парите што се уплатуваат во приватниот пензиски фонд да се искористат за покривање на државниот, што веднаш предизвика реакција, како и тоа мерките да важат еден месец повеќе и да опфатат 70 до 80 отсто од нето платите.

Дали предложениот пакет можел да биде и подобоар? Веројатно да. Но, можел да биде и полош!
Велат колку пари, толку музика. Досега се потрошени, или допрва ќе бидат, една милијарда евра. Не е малку. Дотолку повеќе што тие пари некој, некогаш ќе треба да ги врати.

Колку што е познато ВМРО ДПМНЕ уште за првите три економски пакети мерки кои ги подготви оваа Влада, кога корона кризата го задаваше својот прв удар, велеше дека тоа се анемични мерки и се залагаше за што повеќе пари кон граѓаните, за сега кога парите одат директно кон најпогодените категории од населението, Мицковски да коментира дека тоа било гол популизам и институционален поткуп на граѓаните.
Затоа ова раководство делува осамено и безидејно. Целата ПР стратегија им е насочена само кон обиди за политичка и лична дисквалификација на власта без да се води сметка за „својот“ учинок во подобрување на состојбите и на граѓаните и на државата во целина.
Наместо пред да „истрча“ со гола критика, Мицковски требаше прво тој да оствари средба со Стопанските комори и со Синдикатот, да ги согледа нивните потреби, а не од „екс катедра“, или „од дома“ да шпекулира што е најдобро за стопанството, за работниците, за пензионерите, за игротеките, вежбалните или за културните работници.
Политичката битка не се води само на улица и не само со критика. Треба ВМРО ДПМНЕ што поскоро да престане со секојдневната конфузна „ад хок“ критика на се и сешто и да формира „Влада во сенка“ која ќе подготви своја јасна програма и политичка и економска, со која конструктивно ќе се спротивстави на Владината стратегија за тоа каде ја води државата.
Тогаш граѓаните ќе имаат избор, дури и пред изборите. И нема да гласаат традиционално „против“, туку ќе гласаат „за“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот