Владиката Петар ги предупреди невакцинираните: Тие се потенцијални самоубијци, за нив нема место во рајот

Јас го прележав ковидот и сега зборувам како човек кој ја искусил болеста, вели владиката

Митрополитот преспанско-пелагониски г. Петар во вчерашното гостување на телевизијата Алфа изјави дека луѓето кои одбиваат да се вакцинираат, на еден начин претставуваат потенцијални самоубијци, а за самоубијците, според Црквата, нема место во Царството небесно.

„Не сакам да ме разберете погрешно, но ако јас не се вакцинирам, а дојде до смртен случај, тогаш јас сум потенцијален, па дури и вистински самоубиец. А вие добро знаете дека на самоубијците не им е дозволено да влезат во Царството небесно. Јас го прележав ковидот и сега зборувам како човек кој ја искусил болеста. Јас бев во тешка здравствена состојба и само јас си знам како ми беше“, рече владиката Петар.

Тој додаде дека Црквата не е против оние што не сакаат да се вакцинираат од оправдани здравствени причини, но нејзин став сепак е дека секој треба да се имунизира, оти вирусот може да му го искомпликува здравјето и животот.

„Ние во Синодот сите сме вакцинирани, а и најголемиот број од свештениците се вакцинирани. И луѓе кои се вакцинирале во најмала рака можат да доживеат тешка здравствена слика, но ретко кој од вакцинираните со две дози не починале од коронавирусот. Треба сите да си се исповедаме, оти има многу личности кои асимптоматски го пренесувале вирусот, а не знаеле дека го пренесуваат. На пример, како што вели светиот Василиј, жена која имала спонтан абортус и која не може да биде обвинета дека таа е причина за спонтаниот абортус, таа добива две години забрана за причестување. Ние треба да бидеме сериозни кон оваа болест и мојот апел е сите сериозно да пристапиме и да не дозволиме да се шири пропагандата дека вирусот не постои или дека луѓето се чипуваат преку вакцината“, рече митрополитот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот