Владата сака преку Србија да купи поевтин руски гас, Бектеши вели: Нема проблем – не преговараме со Газпром

Гасовод/ Фото Архива на Слободен печат

Ако се потпише договор со Србија, ќе набавиме гас по најмалку три до четири пати пониски цени од берзанските, изјави вечерва министерот за економија Крешник Бектеши во гостувањето во „Топ тема“ на „Телма“.

Тој вели дека земјава преговара со „Србијагас“, а не со руски „Газпром“, со кој српската компанија има договор за снабдување по поволна цена преку гасоводот „Турски поток“.

„Договорот за снабдување со природен гас го има српската страна и како тоа технички ќе се спроведе е нивна работа. Работа на нашата држава е да овозможи законски и технички услови, соодветни прописи и регулативи“, вели Бектеши.

Според министерот, сега не се зборува за количества и за обезбедување суровини, туку за цена, за тоа колку ќе ги чини граѓаните снабдувањето со природен гас.

„Преговорите се водат и се при крај, доставивме понуда, експертските тимови работат за да се изнајде решение – ние да и излеземе на Србија во пресрет за струјата, а тие нам за природниот гас. Ако има договор, во што сум убеден зашто е работено повеќе од еден месец и јас секојдневно комуницирам со нивното Министерство за енергетика, цените ќе бидат многу пониски од цената на берзата, три до четири пати минимум ќе бидат пониски од берзанските. Во замена за тоа, ние Србија по попристојни цени ќе ја снабдуваме со електрична енергија“, истакна Бектеши.

Тој рече дека не треба да го чита договорот меѓу Србија и „Газпром“

„Преговараме со „Србијагас“, а не со „Газпром“. Не ни треба да го прочитам договорот меѓу Србија и „Газпром“, а и тоа е деловна тајна. Наша обврска како држава е да го обезбедиме и технички и капацитетно барањето на Србија за електрична енергија, а обврска на српската Влада е како да ја снабдува Северна Македонија со природен гас“, рече министерот.

Бектеши додаде и дека „парно греење во Скопје зимава ќе има, нема да биде на мазут, туку на гас и ќе биде евтино“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот