Владата на Јапонија поднесе оставка – Санае Такаичи стана првата жена што ја предводи владата
Целата влада на Јапонија, предводена од премиерот Шигеру Ишиба, денес поднесе оставка пред изборот на нов премиер во парламентот, објави новинската агенција Кјодо, пренесе „Јапан Тајмс“.
Препорачано
Долниот дом на парламентот на Јапонија ја избра Санае Такаичи, лидерка на владејачката Либерално-демократска партија (ЛДП), за премиер. Со оваа победа, со 237 гласови од вкупно 465 пратеници, Такаичи го отвори патот за нејзината инаугурација како прва жена премиер во историјата на Јапонија, објави АП.
Се очекува помалку влијателниот горен дом на парламентот да го потврди нејзиниот избор, по што Такаичи вечерва ќе положи заклетва како 104-ти премиер на Јапонија.
Такаичи ќе го наследи Шигеру Ишиба, кој поднесе оставка минатиот месец во чин на преземање одговорност за изборниот пораз на неговата партија.
Новата премиерка беше избрана за претседателка на ЛДП на почетокот на октомври, освојувајќи 185 од вкупно 341 глас во вториот круг од гласањето, додека нејзиниот противник, Шинџиро Коизуми, син на поранешниот премиер Јуничиро Коизуми, доби 156 гласови.
Јапонските медиуми објавија дека новата влада ќе биде формално конституирана откако Такаичи ќе го добие мандатот од царот Нарухито.
Такаичи, позната по своите силни позиции во надворешната политика, веќе најави заострување на реториката кон Русија, особено во однос на Курилските Острови, кон кои Јапонија има територијални претензии.
Рускиот заменик-министер за надворешни работи Андреј Руденко изјави на 7 октомври дека Москва внимателно ќе ги следи чекорите на новата јапонска премиерка по нејзиното назначување.


