Владата ја поништи предлог-листата со кандидатите за судија во Стразбур, утврдила дека Ристоска, Гајдова и Апостолски не ги исполнуваат условите

Владата не ја прифатила предлог-листата со тројцата кандидати за судија во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) – обвинителката Ленче Ристоска, судијката од Апелацискиот суд Габриела Гајдова и адвокатот Јордан Апостолски, со образложение дека не ги исполнувале предвидените услови. Откако не ги прифатила кандидатите, Владата формирала нова комисија со нови членови кои ќе бираат нови кандидати за судија, потврдуваат од Владата за „Слободен печат“.

– Владата, согласно законските процедури, има можност да направи промена на Комисијата за избор на кандидати на Македонија за судија во ЕСЧП, а новоизбраната комисија ќе утврди за понатамошниот тек на постапката. Воедно ве информираме дека причините поради кои Владата изврши избор на нова комисија е поради тоа што претходните предложени кандидати за судија во ЕСЧП не ги исполнуваа предвидените услови – велат од Владата за „Слободен печат“.

Одлуката на Владата со новите членови на Комисијата е објавена во Службен весник на 25 јули и сега наместо девет, брои пет члена.

Со новата одлука на Владата, членови на Комисијата се претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, претседателот на Врховниот суд, Африм Фидани, новата в.д. претседателка на Кривичниот суд, Даниела Димовска, претседателот на Основниот граѓански суд, Бесник Авдија, и директорката на Академијата за судии и јавно обвинители, Ирина Трајковска Стрезоски.

Со оваа одлука престанува да важи мандатот на претходните членови, меѓу кои беше и уставниот судија Осман Кадриу, а имаше и претставници од Министерството за надворешни работи, од Министерството за правда, од правни факултети, од Судскиот совет и од Советот на јавни обвинители.

Во новиот состав останува само новата директорка на Академијата, Трајковска – Стрезоски, за чиј избор има тужба пред Управниот суд.

Предлог-листата со кандидатите со месеци беше заглавена во Владата и се чекаше да биде ставена на дневен ред на владина седница. Но, овие јавно објавени одлуки откриваат и друг момент. Сега се поставува прашањето – зошто листата прво не се испратила на мислење во Стразбур, како што е предвидено во одлуката за формирање на комисијата.

„Доставува предлог за избор на тројца кандидати за судија на Република Северна Македонија во Европскиот суд за човекови права до Владата на Република Северна Македонија на усвојување, по добиено мислење од страна на Меѓународниот советодавен панел на експерти на Совет на Европа“, пишува во одлуката, што значи дека Комисијата требало добиеното мислење да го достави прво до Советодавниот панел на експерти на Советот на Европа, па потоа до Владата.

Еден од тројцата кандидати требаше да го замени судијата Јован Илиевски кому му истекува мандатот на 1 февруари 2026, но сега новата комисија треба да информира за понатамошниот тек на постапката.

Тројцата кандидати на стендбај – Владата уште не дава „пас“ за судија во Стразбур

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот