Фото: Profimedia

Вистински луксуз: Дубаи ќе гради цела улица од чисто злато

Со безданочни плати и репутација на град што нуди луксузен начин на живот, Дубаи со години се опишува како место каде што улиците се „поплочени со злато“. Оваа фраза наскоро би можела да стане реалност, откако градот најави отворање на буквална златна улица, пишува „Еуроњуз“.

Како дел од новиот проект „Златен кварт на Дубаи“, улицата ќе биде „изградена со злато“, иако засега не е прецизирано што точно ќе значи тоа во пракса. „Еуроњуз Травел“ стапил во контакт со инвеститорот зад проектот за дополнителни детали, но засега тие не се објавени.

Проектот „Златен кварт на Дубаи“ беше официјално најавен од Канцеларијата за медиуми на Дубаи на 27 јануари. Датумот на отворање на Златната улица сè уште не е познат.

Што претставува Златниот кварт на Дубаи?

Златниот кварт претставува ребрендирање на постоечкиот Златен пазар во Дубаи. Областа, која се наоѓа во Деира, е дом на околу 1.000 продавници специјализирани за продажба на злато и накит.

Според податоците на Канцеларијата за медиуми на Дубаи, Обединетите Арапски Емирати се втор најголем светски центар за трговија со физичко злато, со извоз вреден 53,41 милијарди долари во периодот 2024–2025 година.

Златниот пазар е една од најпопуларните туристички атракции во Стариот дел на градот, а во негова близина се наоѓаат и пазари за зачини, парфеми и антиквитети.

„Златото е длабоко вткаено во културното и трговското ткиво на Дубаи, симболизирајќи го нашето наследство, просперитет и трајниот претприемачки дух“, изјави Ахмед Ал Хаџа, извршен директор на Фестивалите и трговските настани на Дубаи, кои функционираат во рамки на Одделот за економија и туризам.

„Со оваа значајна дестинација не само што го славиме тоа наследство, туку го преосмислуваме за нова ера обликувана од креативност и одржливост“, додаде тој.

Дубаи и атракциите што привлекуваат внимание

Дубаи одамна е познат по туристички атракции што го привлекуваат вниманието на светската јавност. Меѓу нив се највисоката зграда во светот – Бурџ Калифа, најголемото панорамско тркало – Аин Дубаи, како и најдлабокиот базен за нуркање – „Дип дајв Дубаи“.

Во 2024 година беше отворена и климатизирана улица на комплексот „Срцето на Европа“, остров крај брегот на емиратот, каде што „врне дожд“ на секои 30 минути. Овој проект е дел од архипелагот „Светот“ – вештачки острови создадени во форма на светска карта.

Градот неодамна најави и таканаречена „идна јамка“, климатизиран пешачки мост долг два километри, кој ќе ги поврзе Светскиот трговски центар на Дубаи, Музејот на иднината, Емиратските кули и Финансискиот центар на Дубаи, како и блиските метро-станици.

Целта на овој проект е градот да стане прооден за пешаци во текот на целата година, дури и кога летните температури достигнуваат и до 45 степени Целзиусови.

Надвор од Дубаи, емиратот Фуџајра неодамна откри и музички пат – жлебовите во асфалтот создаваат вибрации што звучат како Деветтата симфонија на Бетовен додека автомобилите минуваат по него.

ФОТО+ВИДЕО | Дубаи руши рекорди: Отворен е „Сиел Дубаи Марина“, највисокиот хотел во светот

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот