ФОТО+ВИДЕО | Дубаи руши рекорди: Отворен е „Сиел Дубаи Марина“, највисокиот хотел во светот
Хотелот со 82 ката и висина од 377 метри, со кој управува компанијата „Фрст Груп Хоспиталити“, е проектиран од наградуваната архитектонска фирма „Нор“, а неговата форма е препознатлива по „иглено уво“.
Препорачано
Хотелот има 1.004 луксузно опремени соби и апартмани, сите со стаклени прозорци од под до таван, кои нудат панорамски поглед кон Палм Џумејра, Арапскиот Залив и силуетата на Дубаи.
Цените при отворањето започнуваат од 310 евра по ноќевање, додека изнајмувањето премиум апартмани чини околу 570 евра и вклучува пристап до салон на повисок кат.

Кулата обложена со стакло е изградена околу централно атриумско јадро, кое ја исполнува внатрешноста со природна светлина. Гостите ќе можат да уживаат и во видиковецот на кровот, кој нуди поглед од 360 степени кон најпознатите градски знаменитости, меѓу кои се Бурџ ал Араб и Ајн Дубаи.
„Сиел Дубаи Марина, винјет колекшн“ ќе биде дом на осум ресторани со импресивен ентериер. Меѓу нив е и „Тату“, модерен азиски концепт создаден во Велика Британија. „Тату Дубаи“ ќе ја опфаќа целата понуда – „Тату ресторан и бар“, „Тату скај пул“ и „Тату скај лаунџ“.
На 76. кат, „Тату скај пул“ се издига како највисокиот инфинити базен во светот, нудејќи удобни лежалки и јапонско-фузиски специјалитети. „Скај лаунџ и тераса“ на 81. кат комбинира софистицираност, музика, коктели и поглед од 360 степени од самиот врв на хотелот.

Хотелот ќе постави нови Гинисови рекорди – за највисок инфинити базен и за највисок клуб во светот. Со 76 ката над земјата, „Тату скај пул“ го надминува претходниот рекорд на „Адрес бич ризорт“ од 294 метри. Само неколку ката погоре, „Тату скај лаунџ“ моментално е највисокиот клуб на планетата.
Покрај рестораните, „Сиел“ ќе располага со луксузен спа-центар на 61. кат, целосно опремен со најсовремена теретана која нуди панорамски поглед и современа опрема за кардио, тренинг на сила и функционален тренинг.
Ексклузивниот салон „Нест“ на 16. кат ќе биде ВИП-простор наменет за гости кои резервираат соби и апартмани од „Егзекјитив клаб“ понудата, нудејќи освежување во текот на целиот ден. Хотелот располага и со луксузни конференциски сали со напредна технологија, флексибилни простори и панорамски погледи, идеални за деловни состаноци, приватни средби и групни настани.

Отворањето на хотелот доаѓа во период кога Дубаи продолжува да го шири својот туристички сектор, привлекувајќи повеќе од 17 милиони меѓународни посетители во 2024 година. Со проекти како „Сиел Дубаи Марина“, емиратот ја зацврстува својата позиција како едно од најконкурентните пазари на луксузно угостителство во светот.
Резервациите се отворени пред официјалното отворање на 15 ноември, а се очекува објектот да привлече голема меѓународна побарувачка за време на врвот на зимската туристичка сезона.


