Вистината за кинескиот успех
Додека Персискиот Залив гори, деескалацијата на студената војна меѓу САД и Кина мора да стане светски приоритет. Затоа е од суштинско значење да се разбиe моќниот мит дека Кина до просперитет стигнала со измама.
Додека ракети, бомби и дронови летаат над Персискиот Залив, се зголемуваат изгледите за уште поразорна војна на Пацификот. Деескалацијата на новата студена војна меѓу Соединетите Американски Држави и Кина сега мора да стане светски приоритет. За таа цел, неопходно е да се разбиe силниот мит кој ја зголемува веројатноста за војна: идејата дека Кина со измама стигнала до просперитет.
Препорачано
Кинеската економија придонесува за сериозни глобални макроекономски нерамнотежи и тоа мора да се решава. Но тоа е сосема поинакво од пригодната фикција, која западните елити ја исплеле за да ги скријат сопствените неуспеси, дека Кина својот успех го должи на дволичност, нечесност и измама. И тоа не е само пригодна фикција. Во мера во која го подготвува западното јавно мислење за војна, таа е и опасна.
Тој мит се состои од пет лажни обвинувања. Првото е дека Кина „украла“ интелектуална сопственост од западните компании. Во реалноста, западните мултинационални компании со децении се натпреварувале да ја предадат својата интелектуална сопственост во замена за пристап до огромниот кинески пазар. Кинеските власти, кои планираат на хоризонт од 50 години, едноставно им понудиле нешто на кое не можеле да одолеат: можете да влезете на нашиот пазар, но ќе мора да ги научите нашите луѓе како да ги произведуваат вашите производи. Западните извршни директори, опседнати со следните квартали и опиени од величествените среднорочни изгледи, со задоволство ја прифатиле таа понуда.
Второто обвинување гласи дека Кина ја потценува вредноста на својата валута. Тоа би значело дека постои „правилен“ девизен курс и дека кинеските власти го туркаат ренминбито под тој курс. Во теорија, правилниот курс е оној што го балансира тековниот биланс на секоја земја. Во пракса, тоа би значело дека доларот е масовно преценет, што го потврдува огромниот дефицит на тековната сметка на САД.
Накратко, обвинувањето дека Кинезите вештачки го држат ренминбито прениско е само другата страна на тврдењето дека САД ги финансираат своите дефицити со привлекување туѓ капитал. Западњаците кои се потпираат на преценетиот долар, во таа смисла, живеат во стаклени куќи. Фрлањето камења е неразумно.
Третото обвинување се однесува на кинеските контроли на капиталот, кои се претставуваат како уште една форма на измама. Зар сме заборавиле дека златното доба на капитализмот, бретонвудската ера од 1950-тите и 1960-тите, се темелеше на контроли на капиталот во САД, Европа и Јапонија? Образложението беше едноставно: ниту една влада нема ниту правна ниту морална обврска да дозволи финансиерите по своја волја да ја преплавуваат нејзината земја со нетрпеливи „жешки“ пари или, пак, да дозволи неконтролиран одлив на капитал поради каприц.
Четвртиот столб на митот – наводниот масивен вишок на капацитет во кинеската индустрија – го побиваат податоците: искористеноста на капацитетите во Кина е под 75%, што е помалку отколку во Америка. Залихите се стабилни. Профитот на кинеските извозници пораснал за повеќе од 10%. Значи, нема вишок на капацитети.
Тоа обвинување служи како одбрана од она што навистина ги погодува западните власти: исклучителната конкурентност што Кина ја постигна благодарение на одличното планирање и вложувања во врвно, достапно образование и обука. Кога ќе се види како една компанија во Шенжен може да развие четири прототипи за дел од трошоците и времето потребни во Штутгарт или Илиноис за да се направи само еден прототип, тешко е сериозно да се тврди дека кинеската конкурентност е резултат на дампинг. Но таквото тврдење е политички поприфатливо за западните лидери отколку да им објаснат на гласачите како Кина развила единствена распределена невронска мрежа на производствена интелигенција.
Петтото, и можеби најчесто, обвинување е дека Кинезите премалку трошат и дека се недоволно платени. Можеби. Но во однос на кого? Потрошувачката на домаќинствата во Кина растеше многу побрзо отколку во азиските индустриски сили сојузнички на Западот, од Јапонија и Јужна Кореја до Индонезија и Малезија. Дополнително, кога овие „економии на чудото“ достигнаа слично ниво на развој, доживеаја нагло забавување на растот на потрошувачката – што во Кина не се случува.
Исто така, кинеските плати драматично пораснаа. Пред две децении, саатницата во кинеската преработувачка индустрија беше пониска отколку во Индија. Оттогаш се зголеми осум пати, додека во Индија едвај се удвои. Всушност, платите во Кина сега се повисоки отколку во која било друга земја во развој во Азија.
Овие вистини непријатно одекнуваат во ходниците на западната моќ. Кинеската технолошка сила претставува закана за западните корпорации кои некогаш се чувствуваа непобедливи. Другите земји во развој сега се свртуваат кон Кина поради посигурна, поквалитетна и поевтина стока. Иако можеби е разбирливо што се реагира со обвинувања за измама, ние на Запад мора да ја искористиме оваа можност за самопреиспитување, бидејќи изнесувањето на вистината служи на целта на мирот.
А вистината е дека западните корпорации не изгубија од Кина; тие се продадоа на Кина. Ги префрлија работните места во странство, ги уништија синдикатите и ја предадоа својата интелектуална сопственост за брза добивка. Додека САД, Обединетото Кралство и Европската Унија спасуваа криминални банкари и водеа незаконски војни, Кина инвестираше во образование, железнички мрежи, функционални здравствени системи, зелена енергија, паметни мрежи и производствени центри способни за истражување, развој и иновации што повеќето западни земји не можат да ги достигнат.
Време е Западот да престане да ја обвинува Кина за одлуките на сопствениот крупен бизнис, Волстрит и нивните послушни политичари. Санкциите против Кина се апсурдна замена за индустриска политика. Уште полошо, мрзливите синофобични наративи, што ги шират истите луѓе кои ја создадоа сегашната мочуришна состојба во Заливот, би можеле да го отворат патот за уште поопасен воен судир на Пацификот.
Вијести
(Авторот е поранешен министер за финансии на Грција)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“


