Вирус за вас, прекрасни луѓе!

На Македонецот навистина му треба паника поголема од ковид 19 (корона) за да се освести. Читав дека буџетот за наука низ годиниве е 0,2 – 0,4 отсто од БДП на државата и очигледно е дека тие незначителни суми не дозволуваат да се направи соодветно и исцрпно истражување на поврзаноста на преуранетите умирања со загадениот воздух.

Кога бев мал, едно дете од наше маало се зарази со жолтица (хепатит Б, подоцна дознав) и тоа што ми остана во сеќавање беше дека неколку месеци кутриот не учествуваше во нашите заеднички маалски игри затоа што мораше да одмора извесен период додека не си дојде сѐ на свое место. Многу се уплашив и јас да не фатам нешто такво, нешто што ќе ми ја одземе најголемата слобода, бескрајното талкање низ маало со другарите и играњето камај низ алеите на „Зеленото пазарче“. „Сине, миј раце“, ми кажа мама и додаде дека тоа е најефикасната заштита од жолтицата. И јас, од мали години, влегов во таа хигиенска шема и дури ни носот не си го „чепкав“, ако претходно добро не сум ги измил рацете.

Од тоа мое прво искуство на страв од некаква болест, навистина се немав уплашено од некоја друга, па ни од сите епидемии што ни се случуваат последнава декада. Сипаници прележав, а со грипот меѓусебно се почитуваме и досега бил пристоен кон мене. Сепак, се држам до препораките што искусните лекари ги даваат, а тие во најголем случај се однесуваат на одржувањето на личната и општата хигиена. По експлозијата на случаи на „новиов“ вирус во Кина, докторите од Вухан велат дека вирусот преживува на метални површини и до 12 часа, што ем значи дека не треба да ги пипаме со раце, ама значи и дека редовно треба да се чистат. Е, тука веќе ме фаќа паника. Македонецот од страв ќе почне да мие раце, ама дали ќе почне ли да ја мие и околината? Дали онаа излигавена хартија од бурекот ќе ја фрли во ѓубре, или лесно ќе ја пушти и остави ветрот да ја однесе во некоја градинка?

Можеби звучи сурово, но на Македонецот навистина му треба паника поголема од ковид 19 (корона) за да се освести. Читав дека буџетот за наука низ годиниве е 0,2 – 0,4 отсто од БДП на државата и очигледно е дека тие незначителни суми не дозволуваат да се направи соодветно и исцрпно истражување на поврзаноста на преуранетите умирања со загадениот воздух. Ама уверен сум дека вирусот е помала опасност, и краткорочно, но и на долг рок. Коронарниот сплет на аминокиселини ќе помине, ќе му се најде и лек, ама загадувањето ќе ни остане. И не е само воздухот во прашање, водените ресурси на нашата држава се сериозно загрозени. Прашање на време е кога ќе останеме и без вода за пиење и без вода за миење. И попуста ќе ни е топлата вода од бојлерчето кое црпе струја од „мини-централа“ на истата таа река во бањата од „вилата“ надвисната над неа.
Македонецот треба вистински да се уплаши затоа што неговото здравје е во прашање во секој сегмент на неговото живеење. Бидејќи веќе го купил целиот сапун, по рацете треба да си ја „измие“ и главата. Тука треба да трие многу додека размислува како и самиот придонел на оваа „зараза од загадување“, а кога ќе му текне, тогаш треба да ја исплакне па да почне да ја трие уште еднаш, така можеби ќе му текне и како може да ја поправи. Нашиот граѓанин од дваесет и првиот век треба да престане да се плаши од вируси и бегалци. Неговиот најголем непријател е самиот тој. Лицемерно мие раце пред да се измоча во езерото, од „исполиран“ автомобил фрла отпадоци по национални паркови, отпушоците ги гаси во чешмички со чиста вода, додека „мрчи“ за загаденоста.

Време е да се уплашите, драги мои. Во еден друг век графитот во градов велеше: „Кондури за вас, прекрасни луѓе“, за на почетокот на овој да се претвори во „Ѕидови за вас, прекрасни луѓе“. Најоптимистички ви пожелувам смртно да се уплашите од вирусот што долги години нè разјадува како луѓе и како општество; верувам дека само така ќе се прочисти оваа напаст која носи и човечки жртви, оваа нехигиена и гнасотија многупати поопасна од ковид 19. И затоа, обидете се да ја разберете оваа моја порака: „Вирус за вас, прекрасни луѓе“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот