ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Зибери: Граѓаните не можат во законски разумен рок да дојдат до правда
Годинава, заклучно со 10 декември во канцеларијата на народниот правобранител пристигнати се над 2500 претставки од граѓаните за кршење на нивните права од страна на институциите на локално и на државно ниво. Народниот правобранител Насер Зибери во интервју за Слободен печат вели дека во одредени области има зголемување на претставките од граѓаните, а во одредени се намалиле. Благиот пад на претставките во однос на 2023 година се должи на изборите, претседателски и парламентарни, период во кој според Зибери немаше нови вработувања, ниту објавување на огласи и тендери за јавни набавки, како и од самото ангажирање на граѓаните околу изборните активности. Еколошките проблеми и нарушувањата на квалитетот на воздухот, водата и почвата беа дополнителен поттик граѓаните да реагираат кај омбудсманот.
-Најголем број на претставки е во областа граѓански состојби и првпат се случува претставките во доменот на правосудството да не се доминантни, и тука пред сè мислам на претставките од доменот на извршувањето, иако повторно да кажам дека извршувањето во рамките на правосудството е доминантно. Најголем број се во областа граѓански состојби, пред сè на личните документи. Втор пункт во кој има зголемување во бројот на претставки се претставките поврзани со животната средина. Прашањето на доменот на квалитетен воздух кој го дишеме, квалитетна вода која ја пиеме, загаденост на почвата, стануваат сè посериозни проблеми и како резултат на тоа расте и свеста на граѓаните за последиците кои ги трпиме како резултат на загадениот амбиент во кој живееме и тоа по сите основи. Активностите на институциите одат во насока на алармирање на надлежните дека веќе е 5 до 12, ако не и доцна да се преземат мерки. Скопје е на врвот на листите на најзагадени градови во светот, а загадени се и другите градови. Кога патувате од Скопје за Охрид, пределот накај Маврово има енормно исцрпување на минералите, депонии, нехумана градба, намалување на зелените површини, загадување на водите и реките, сето тоа оди на штета на здравјето на сите и дејствувањето на тие негативни ефекти не се селективни, сите сме жртви на таквото делување. Како резултат на тоа настана рапидно зголемување на претставките на граѓаните во тој дел – вели народниот правобранител Насер Зибери.
Кај правобранителот пристигнуваат и претставки во однос на зголемената бучава, а поразително е што општините кои имаат сериозни еколошки проблеми немаат доволно инспектори за животна средина да ги констатираат и казнат состојбите со загадувањето на терен.
-Ние прво дејствуваме превентивно и истражувањата и анализите кои ги правиме и заклучоците и констатациите и препораките од тие анализи ги доставуваме до надлежните. Минатата година ги проверивме мерните станици за квалитет на воздухот. Во сите општини постојат мерни станици, кои де факто не работат. Над 50 посто од општините немаат ниту еден инспектор вработено. И после се чудиме зошто имаме загадување. Сериозен број на претставки за зголемената бучава во градовите. Има претставки во однос на дивоградбите кои ја загрозуваат животната средина на граѓаните. Прашањето на еколошката правда станува сè поактуелно и таа ќе се наметне уште посериозно. Ние направивме во октомври едно студиско патување во неколку земји и сериозно заостануваме во тој дел – нагласува Зибери.
Граѓаните голем број претставки и годинава поднесоа за работата на судовите и правосудните органи што јасно укажува на недовербата на граѓаните во правосудниот систем и во органите како што е Судскиот совет кој треба да ја мониторира работата на судовите, во кој според правобранителот евидентно е политичкото влијание и нетранспарентноста во донесувањето на одлуки. Она што е во рамките на надлежноста на Народниот правобранител во областа на судството е судењето во разумен рок, што, според Зибери не се спроведува.
-Судењето во разумен рок е еден од сериозните проблеми за кој има сериозни укажувања и од надвор, но ние ги констатираме и по пат на претставки на граѓаните. Граѓаните не можат во законски разумен рок да дојдат до правда. Правораздавањето е основната дејност на судството. Затоа судовите постојат. Ако тие не се во состојба да ја делат правдата во некој разумен рок, ја знаете старата поговорка: Задоцнета правда е еднакво на неправда. И кога сум во доменот на правосудството, повторно ќе кажам дека извршителите и понатаму, односно извршувањето, не сакам да бидам погрешен, е сè уште сериозен проблем за граѓаните и тоа во делот на начинот на кој постапуваат извршителите, доставата писмена кон должниците, пред сè, бидејќи доверителите во овој случај се во покомотна состојба. Честопати должниците се јавуваат со претставки кај народниот правобранител дека првпат дознале дека должат кон некој субјект откако ќе бидат блокирани – нагласува правобранителот.
Тој се осврна и на случаите на кршењето на детските права и претставките од оваа област која ја надгледува Народниот правобранител, ускратувањето на образовните права на учениците и булингот во училиштата, па го коментираше и неодамнешниот случај со 8-годишното дете од Скопје за кое со денови се протестираше во едно скопско училиште.
-За случајот во Аеродром водиме постапка по сопствена иницијатива и каде што има повреда на поголем јавен интерес, Народниот правобранител има право да отвори предмет и по сопствена инцијатива и тука ние имаме сериозна забелешка. Кој ги објави податоците за конкретното дете, за конкретното училиште, бидејќи тоа исто така претставува повреда на правата на детето, стигматизација. Во тој случај сите жители на Скопје и не само на Скопје знаат дека во ова училиште постои едно дете и кој родител утре ќе биде рамнодушен, дали ќе се премести и во кое училиште итн. Детето според нашите досегашни наоди има потреба од соодветен третман, психолошки, педагошки и ако треба психијатриски. Се работи само за 8-годишно дете, нагласи Зибери.
Тој се осврна и на понудените измени во законите за основно и за средно образование од страна на Министерството за образование и наука со кој се нарушува концептот на инклузивно образование кој со години наназад се спроведуваше во образованието.
-Проблемите во делот на детските права се сериозни и во тој дел имаме сериозни забелешки во делот на најновите измени на законите за основно и средно образование и обидот на МОН повторно децата со посебни потреби да ги врати во посебните установи. И тоа е обратен тренд кој треба да оди во насока на инклузивно образование и интеграција на тие деца да не се чувствуваат изолирано и дека не припаѓаат на општеството. Ние водевме борба и секоја година го следевме процесот на инклузивно образование во делот на обезбедување на образовни и лични асистенти за децата со посебни потреби и тој процес добро се одвиваше. Очекуваме тој процес да продолжи и во средно образование, а не да одиме чекор назад – потенцира Зибери.
Годинава нема подобрување ниту на состојбите во македонските затвори, констатирано не само од Народниот правобранител туку и од други релевантни меѓународни институции. Пренатрупаноста, немањето хигиенски услови, медицинска нега, лекови, се проблеми со кои се соочува затворскиот систем, а недостатокот на кадар во затворите уште повеќе ја влошува состојбата.
-Проблем е екипирањето на затворите со затворска полиција. Само во Идризово недостасуваат 100 затворски полицајци и тоа откако се вработија 90, а да не зборуваме за другите служби. Проблемот е повеќедимензионален, недостасуваат кадри во делот на ресоцијализација, во службата за работен ангажман. Тоа што е најпотребно и што може да предизвика проблеми е обезбедувањето на доволен број затворска полиција, која ја немаме. Во Идризово еден полицаец обезбедува 50 затвореници, а стандардот е 15. Затоа затворската полиција е изложена на опасности, како и на девијантни појави како што се корупција, провлекување на секакви средства однадвор и сето тоа што се случува таму. За жал нема подобрување – вели Зибери.