Весна Матевска, ХЕРА/фото :Слободен печат

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Сексуално насилство во брак постои, но кај нас е табу-тема, вели Матевска од ХЕРА

Мајка на две малолетни деца од внатрешноста со постојано живеалиште во Скопје била жртва на семејно насилство. Нејзиниот сопруг долго време ја малтретирал. Тој бил конфликтна личност, па неретко поради тоа го губел и работното место, аналогно на ова таа редовно трпела и економско насилство, како што вели нашата соговорничка Весна Матевска, програмски раководител во ХЕРА, одговорна за програмата за родово засновано насилство.

Бевме во посета на првиот семеен центар, кој е и единствен во цела држава, од каде ви доловуваме како изгледа процесот на доаѓање и закрепнување на жртвите.

-Многу е важно жртвата да биде влезена во систем, само така надлежните институции можат да постапуваат по случајот и можат да изречат мерки за забрана за приближување на сторителот на кривичното дело. Неретко жртвите се разочарани од системот, не му веруваат и одбиваат да го пријават составниот случај. Ние не ги одбиваме и во тој случај, тука сме за нив за да поминат низ психолошка помош и поддршка, но важно ни е да ги увериме колку е важно да влезат во системот, за да се мрдне од „мртва точка“, па следен чекор е со наша придружба да одиме во Центарот за социјални работи – вели Матевска.

Таа како конкретен пример сподели еден случај, со скриен идентитет, на 37-годишна жена од внатрешноста, мајка на две малолетни деца, која исплашена дошла во центарот со единствена цел да си ги заштити децата.

-Таа првично се плашеше да пријави бидејќи се чувствуваше несигурно затоа што е од друг град. Стравуваше да не ѝ ги одземат децата, биејќи таа нема услови за живот, па на тој основ децата да му се доделат на сопругот-насилник. Иако во Системот на социјална заштита постои можност да се изрече мерка отстранување на сторителот од домот, во најголем број случаи жртвата е таа којашто заминува од дома. И во нашиот пример жртвата си заминала од дома, но во прв момент не успеа да си ги земе децата. Со влегувањето во системот се успеа да се издејствува старателството да ѝ припадне нејзе. Ова е еден од случаите кога брзо и лесно се дојде до позитивна разврска, но за жал не е секогаш така – вели таа.

Според Матевска, најчести пропусти за фемициди се случуваат поради несоодветни институционални постапувања.

Весна Матевска, ХЕРА/фото :Слободен печат

Сексуално насилство во брак е многу честа појава

Семејните насилства се повторуваат и се испреплетуваат од пример во пример.

-Низ различни примери на семејно насилство ќе најдете многу сличности. Насилствата се повторуваат и се испреплетуваат. Една жена често трпи физичко насилство, но неретко се соочува и со економско насилство за кое не е ни свесна, таа го издржува семејството, додека мажот или се коцка или пие или е невработен, па живее на нејзиниот грб. И последно, а не најмалку важно е сексуалното насилство во брак, кое постои кај нас, а за кое воопшто не се зборува и важи за табу-тема – вели Матевска.

Во 2024 година првиот семеен центар на Град Скопје обезбеди 710 советувања за 89 жртви, 41 дете и 25 други членови на семејства погодени од родово базирано и семејно насилство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот