„Пука козметика“/ фото: Слободен печат

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | „Пука козметика“: Песната „Ново Лисиче будало“ е снимена во детска соба

Рап-ветераните, едни од пионерите на македонскиот рап, близнаците Жарко и Дарко Масларковски, кои неуморно создаваат музика под името „Пука козметика“, слават 30 години постоење на сцената.

Бевме до Ново Лисиче, каде се „раѓа“ нивниот рап и ни направија турнеја низ историјата на нивното музичко дуо.

Еве како се развиваше „Пука козметика“…

– Ќе почнеме од крајот, од овој графит зад нас што го направивме во чест на роденденот од 30 години „Пука козметика“. Од оваа точка почнува нашата рап кампања која е замислена да продолжи со прославата во МКЦ в сабота, а потоа и со настапи низ другите градови. На крај, сакаме турнејата да заврши на истово место со концерт – вели Жарко Масларковски за „Слободен печат“.

Една од важните точки за нив е и паркот познат кај народот „кај авиончето“, каде често имаат семејни прошетки со децата, но и градска локација со посебни емоции за нив.

– Тука го снимивме спотот за песната „Од срце и душа“ и тоа ни беше еден многу интересен ден, една животна лекција, ќе речам. Се отепа од врнење цел ден, а ние требаше да снимаме, и баш во закажаниот термин, божја работа, престана. Затоа, пак, Бог ни подари такви добри кадри со асфалтот по дождот што не се опишува со зборови, подобро од што замисливме. Наравоучение – не се откажувајте од ништо, никогаш – вели Дарко Масларковски пред нашата камера.

Дарко Масларковски „Пука козметика“/ фото: Драган Митрески/ Слободен печат

Нашиот времеплов за „Пука козметика“ продолжи кон нивното маало, каде што евоцираа спомени за нивните почетоци уште како деца. Ретко кој знае дека браќата почнале да прават музика уште во 1991 година во одделение со другарче, пред да се роди идејата за „Пука козметика“.

Љубовта кон рапот како музички правец спонтано им ја всадил нивниот постар брат Александар.

Што се крие зад името „Пука козметика“

За тоа како ќе им се вика музичкото дуо не размислувале многу, впрочем, името „Пука козметика“ доаѓа на еден толку оригинален начин, својствено за оваа сцена.

– Во тоа време ако си рапер мораше да се облекуваш како рапер за да го покажеш тоа. Е сега, кога беше зима со тие големите јакни, како монтки и сл., дресовите не ни се гледаа. Еден ден одиме накај град и јас го облеков хокеј – дресот врз јакната. И еве и сега ќе ви демонстрирам како изгледаше тоа, „пука“ на мене. На зезање рековме пука козметика, хаха и едно време велевме глупаво е името, ама нека го – раскажува Жарко.

Жарко Масларковски „Пука козметика“/ фото: Драган Митрески/ Слободен печат

Нумерата „Ново Лисиче будало“ е песна што останува како траен белег во нивната кариера.

– Да, факт е дека „Ново Лисиче будало“ ни е најпозната песна, најголем хит. Ама некако се чувствуваше дека таа песна ќе стане популарна и ќе допре до повеќе публика. Ние не ни бевме во Македонија кога ни кажуваа луѓе, „враќајте се, песнава гази“. И потоа ја слушаш од сите страни, во продавница, од оваа страна на маало, од другата страна… А, неверојатно, песната е снимена во детска соба. Порано снимавме лабаво, пуштавме со грешки и така правевме хитови. Наравоучение до младите артисти, не му ја мислете многу, снимајте, пуштајте, снимајте, пуштајте – вели Дарко.

Отсекогаш биле професионалци, но и големи поддржувачи на младите, па така и на големиот концерт викендов, на сцената ќе се сменат многу гости артисти. Идејата е на 13 декември во МКЦ да се направи едно свечено одбележување на „Пука козметика“, ќе промовираат плоча и што е најважно, ќе има, како што велат, добра дружба.

Погледнете го овој нестандарден разговор со близнаците на јутјуб-каналот на „Слободен печат“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот