извидници/ фото: Слободен печат

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Никогаш не е доцна да се стане извидник – 70 години ИПО „Галеб“

Во далечната 1955 година некој се сетил дека на Македонија ѝ е потребен Извиднички поречански одред. Тогашните први извидници основачи на овој одред, започнале со активности покрај река, поради што и го добиле името „поречански“. Многу генерации потоа го одржуваат одредот во живот, поминуваат преку убави моменти и дружења, но и низа премрежја и проблеми, и токму сето тоа ги прави посплотени и побројни до ден денес.

Оваа година се навршуваат седум децении од постоењето на ИПО „Галеб“. Одбележувањето трае во текот на целата година, а организаторите си задале сериозна задача, симболични 70 активности за 70 години постоење. Роденденот ќе го крунисаат утревечер, на 15 ноември, со добра забава и гласна музика во МКЦ. На журката се поканети сите што сакаат да се дружат со некогашни и сегашни извидници, а можеби и да станат идни извидници.

„Никогаш не е доцна да се стане извидник“, велат двете наши соговорнички.

Ана Трпчевска е 35-годишна скопјанка, старешина или по ново, претседател на одредот. Нејзината извидничка приказна е многу интересна, започнува на детска возраст, а завршува со брак со извидник.

-Јас сум извидник од 1999 година. Паметам, тогашниот старешина Лазе дојде во моето основно училиште „Браќа Миладиновци“ и ни претстави како можеме да станеме извидници. Јас се заинтересирав и им соопштив на моите родители дека сакам да ме запишат во извидници, тие првично беа скептични, бидејќи тогаш немаше интернет, па тие немаа можност да проверат што е тоа, но затоа пак тогаш постоеше многу повеќе доверба. Мајка ми ме однесе на првиот состанок и оттогаш еве веќе 26 години трае мојата извидничка приказна – вели таа.

Преку извидништвото Трпчевска ја нашла и љубовта на нејзиниот живот.

-Тоа беше во 2021 година, добивме простор, барака во Аеродром за да го адаптираме нашето клупче. Тогаш сите волонтери со своите две раце работевме за да го уредиме просторот. Бидејќи повеќе доминираа волонтерки од машки волонтери, а во физичката работа ни беше потребна и машка рака, тогашниот старешина Јане, го покани неговиот другар Александар да ни помогне. Тој не беше извидник, но оттогаш почна редовно да доаѓа на нашите активности и со текот на времето се зачлени. Така и започна нашата љубов. Ова лето направивме и свадба, а извидниците ни беа гости на веселбата – ја раскажува оваа емотивна приказна нашата соговорничка.

Ана Трпчевска-старешина / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Извидниците од минатото и извидниците од денес се различни, вели Трпчевска, во 50-те години на минатиот век функционирале поинаку од денес, но како што додава таа, задржани се основните вредности на извидништвото кои учат и градат едно дете во добра личност. По пандемијата бројот на извидници расте од година в година.

-Тогашните извидници, основачите, имале поинакви активности, тие претежно се движеле покрај вода, покрај реки, од таму и името на одредот поречански. Многу често не мешаат и мислат дека се викаме поречански бидејќи потекнуваме од Поречието, од тој крај на Македонија, но не е така. Секое време со свои придобивки, не можам да кажам кога било подобро извидништвото, најважно е што сме истрајни и по толку време и тоа што се приспособуваме на потребите на новите генерации – вели таа.

Сара Гичевска е водач на патрола на мали деца, таа е 19-годишна студентка која се заљубила во извидништвото на прв поглед.

-За извидници слушнав кога имав 13 години од моја другарка, многу спонтано дојдов кога имаше прием за нови членови и еве ме веќе шест години сум дел од одредот. Нема правила на која возраст да почнете со извидништво, секој може да стане извидник, потребна е само желба. Најмладите членови ни се осумгодишни дечиња – раскажува Гичевска.

Сара Гичевска-водач на патрола / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Гичевска е одговорна за 18 деца, што претставува импозантна бројка и реткост за една патрола.
За подобро да се запознаете со тоа како функционира еден ден на извидниците, кои се придобивките и дали вреди да почнете да размислувате дали вие да станете дел од некој одред или вашите деца, погледнете го целиот разговор со овие две прекрасни дами на јутјуб-каналот на „Слободен печат“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот