ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Mухамед Ибрахими: Сè што сум слушал целиот живот завршува во моите композиции
Во пресрет на декемврискиот концерт, оваа година во исклучително интимно издание за само 100 посетители, разговаравме со извонредниот гитарист Мухамед Ибрахими. На 12 декември, од 20:00 часот, во волшебниот амбиент на Даут-пашиниот амам, публиката ќе има единствена можност да ја доживее неговата музика поблиску, посилно и подиректно од кога било.
Препорачано
Во интервјуто со Ибрахими откриваме што можат да очекуваат љубителите на музиката кои ќе присуствуваат на овој специјален концерт, како тој се чувствува пред мала наспроти голема публика, што значи за него изведбата на неконвенционални сцени и како се раѓа инспирацијата за импровизација во живо — моментите поради кои неговите настапи се непредвидливи, автентични и длабоко емотивни.
На прашањето дали некогаш настапувал во Даут-пашиниот амам и како ја доживува разликата меѓу свирењето во класична концертна сала и еден ваков неконвенционален простор, Ибрахими раскажува:
„Не сум свирел таму — ова ќе ми биде првпат. Пред неколку дена само поминав да го чујам звукот во просторот. Се надевам дека ќе биде добро, иако сега, додека разговараме, се слуша доста ехо. Верувам дека, кога ќе се наполни со публика, тоа ќе се намали. Малку ќе се ’упие‘ звукот. Во секој случај, мислам дека ќе биде интересно да се свири на овој простор. Навистина едвај чекам.“
Коментирајќи ја и фактичката ограниченост на просторот, која овојпат носи исклучително интимна атмосфера со само сто посетители, тој додава:
„Интересно е што концертот е ограничен само на 100 луѓе. А уште поинтересно е што сите тие ќе треба да стојат – едноставно, нема простор за толку седишта. Но токму затоа концертот ќе биде посебен, исклучителен на свој начин.“
Разговарајќи за неговите корени, за преминот од рок кон авторски стил кој спојува повеќе музички јазици и за тоа како се создава неговиот препознатлив звук, Ибрахими објаснува:
„Бев рокер, и тоа со мене остана цел живот. Сето она што сум го слушал и го носам во себе – на некој начин завршува во секоја композиција што ја правам. Кога компонирам, дури и ако мелодијата оди во некоја ориентална насока, јас мора да ’фатам‘ акорд или звук кој ме потсетува на тоа што сум го слушал и што ме формирало. Дали е тоа Стиви Реј Вон или е Џими Пејџ – мора да има нешто од тоа во мене.“
Тој додава дека и во најновите материјали, мошне свесно ги бара тие препознатливи „нијанси“ што се дел од неговиот музички идентитет. Како главна причина за тој уникатен, стилски измешан звук ја посочува и неконвенционалната техничка поставка:
„Една од причините за тој микс од стилови е и штимот на гитарата. Не свирам на стандардно наштимана гитара – штимот не ми е конвенционален, не е ’нормален‘. Разликата е што ја спуштам на Де (D), и сè е сведено на две ноти. Тоа веднаш го менува карактерот на звукот.“


