ВИДЕОИНТЕРВЈУ | МНК: Наши средношколци учат во Африка, Костарика, Хонгконг, Тајланд, Кина
Отворен е повик до 15 ноември за пријавување на средношколците во земјава коишто сакаат да го продолжат образованието преку Македонскиот национален комитет при движењето Светски обединети колеџи.
Како е да се учи средно образование во Африка, Кина, Индија, Германија, Канада, Норвешка, а да си ученик од Македонија? Отворен е повик, до 15 ноември 2024 година, за пријавување на средношколците од земјава коишто сакаат да го продолжат образованието преку движењето Светските обединети колеџи. Македонскиот национален комитет го распишува повикот секоја година, наши соговорници се алумни и членови на комитетот, Јана Кралева која живее и студира во Минесота и Бобо Станковиќ кој работи како консултант за одржлива енергија во Вашингтон.
– Се работи за движење од 18 колеџи распространети ширум светот. Група на волонтери од различни земји ја прават селекцијата на идната генерација на ученици кои ќе заминат да учат во некој од овие колеџи. Идејата е учениците од различни држави да учат на овие колеџи и таму да се сретнат со стотина други ученици од шеесетина земји. Интересно е на кој начин секоја земја ја врши селекцијата – вели Станковиќ.
Тој открива дека во моментов средношколец од Македонија учи во Есватини (Африка), имаме и средношколка во Костарика, ученик во Тајланд, Кина, Хонгконг… Вкупно 23 средношколци од Македонија се дел од овие колеџи ширум светот.
За сите заинтересирани условите за пријавување се да се втора или трета година во средното образование, последните пет години да живееле во Македонија и да се македонски државјани.
На родителите не им е лесно да го прифатат фактот нивното дете на 17 години да живее во туѓина, но Кралева вели дека условите во кампусите се одлични и секој ученик лесно се навикнува на животот во кампусите.
– Јас заминав на 17 години и сум една на мајка, верувам дека тогаш на мајка ми не ѝ беше лесно што одлучив да заминам во странство. Нормално е да се јави несигурност бидејќи одиш во непозната средина, но кога стигнав таму видов дека не сум сама туку и 100 други деца исто како мене се далеку од дома и тоа ме охрабри. Дополнително има многу голема поддршка од целокупниот систем, има вработени кои се задолжени за целокупното ментално и физичко здравје на децата, а тука ќе ги споменам и професорите кои се од неизмерна помош – објаснува таа.
Учењето на колеџот трае две години, а речиси сите ученици одбираат студиите да ги продолжат во странство.