ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Лончар: Црн петок само во Македонија трае од три дена до еден месец

Маријана Лончар Велкова/ Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

„Црн петок“ во Македонија. Има ли попусти, дали тие се реални, зошто само кај нас трае еден месец или во најмала рака три дена, утрово во емисијата „Слободен печат“ на оваа тема разговараме со Маријана Лончар Велкова, претседателка на Организацијата на потрошувачи на Македонија.

Таа вели дека Црн петок потекнува од Америка. Вели дека попустите таму се големи, а кај нас тоа не е така, регулирано е поинаку, освен со Законот за заштита на потрошувачи има и акциска продажба, која може да трае и 30 денови.

– Кога влегувате во продавница наместо еден ден како што треба, кај нас ќе ви речат дека трае најмалку три дена. Меѓутоа, ако се работи за некаква акција, тогаш може да продолжи. Но тоа не е Црн петок. Тука има забуна кај луѓето. Голем дел од потрошувачите се подготвуваат за денешниот попуст, но кај нас попустите не се како во Америка – вели Лончар.

Таа објаснува дека со чест на исклучоци, дел од трговците се чесни, се означува и старата и новата цена која е валидна.

– Не треба да ви кажуваат на каса дека ќе го добиете попустот од 30%. Ние како потрошувачи самите треба да го видиме процентот за колку е намален на самиот артикл. Не треба сами да пресметувате колку се 20 или 30 отсто попуст од цената – вели Лончар.

За непочитување на законот треба да има казни кои можат некогаш да бидат и до 10.000 евра. Покрај глобите има и времени мерки, управни мерки, тоа се затворање на објектите, неработење, што не е убаво за самите трговци.

– Ние знаеме дека и на трговците им треба поддршка, а сега и со законот е утврдено дека можат да им дадат опомена, односно да им укажат за прекршокот, па да дојдат пак да видат дали е коригирано. Меѓутоа кај нас попустите се три дена и не се толку активни инспекциските органи на терен – вели Лончар.

Маријана Лончар Велкова/ Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

Акциските продажби, ако се така крстени, траат до 30 дена, ама тоа не е „Блек фрајдеј“.

– Тоа е на некој начин измамувачко огласување. Треба да се каже акција и да се стави колку таа трае. Треба јасно да се истакне кога се работи за промоција или кога е друг вид на продажба. Кај интернет продажбата правата на потрошувачите се дадени во рацете на самиот потрошувач. Заради тоа што тоа се веќе измамувачки продажби, а тоа исто така и некој вид сива економија – вели Лончар.

Таа вели дека кај нас цвета продажбата онлајн. Обично се отвораат такви страници, продаваат сè што имаат и после тоа се затворат, никаде ги нема.

– Луѓето купуваат таму и тогаш парите одат наместо во реалниот бизнис, во реалната економија, одат на друго место. Дел од потрошувачите се задоволни од таквата продажба, но немањето фискална сметка значи дека производот нема да може да го замените ако не ви одговара – вели Лончар.

Маријана Лончар Велкова/ Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

Таа вели дека ако веќе купувате од вакви страници, самите се доведувате во ризик. Ниту пазарниот инспекторат може да го најде продавачот, ниту киберполицијата, односно МВР не може да ги лоцира кај им се тие сајтови, тие се затвораат. Никој не знае каде им се серверите, не може никој да ги најде.

– Ние мислиме дека потрошувачите треба денес да купуваат, но само ако имаат потреба и желба да купат некој производ, да видат, да споредат колку е намалувањето, ако го најдат на таква распродажба. Да проверат дали е добар производ, да купуваат на онлајн регистрирани и легални продавници и нормално да внимаваат на сајтовите – вели Лончар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот