ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Имам ќерка родена на село и сакам да остане тука, вели скопјанката Лејла што се пресели во Конче

Лејла Куртов/фото Слободан Печат/Слободан Ѓуриќ

Руралната жена од 21 век не се разликува по ништо од градската жена, вели за „Слободен печат“, Лејла Куртов, воспитувачката од Конче која со својот објектив овековечи 17 приказни на рурални жени од с.Дедино, с.Конче и с.Габревци.

Куртов во период од десет месеци минатата година фотографирала жени од различни возрасти, Македонки и Турчинки и преку фотоизложба го прикажува соживотот на христијанките и муслиманките во општина Конче.

– Сите жени веднаш прифатија да бидат фотографирани. Секоја жена на фотографијата ја прикажува нејзината вистинска животна приказна. Интересно е тоа што овде жените имаат примарни професии како и жените во градот, ќе сретнете докторки, професорки, учителки, уметници, но покрај тоа паралелно се занимаваат и со земјоделство, сточарство, грнчарство, како нивна семејна традиција, култура. На пример, девојката што е сликана на житна полјана е европски амбасадор за млади, вели Куртов.

Пример за тоа е и самата авторка која пред шест години, поради љубов, од Скопје се преселила во Конче каде основала семејство.

– Откако се преселив овде животот ми е многу поразличен од оној во Скопје, во Конче ми е многу интересно, порелаксирано. Луѓето тука се многу посреќни. Мене лично, миграцијата од град во село ми влијаеше добро, дури и ми помогна да напредувам во многу сфери од животот. Во Конче најдов работа по својата вокација, воспитувачка сум во локалната градинка и тоа ме прави многу среќна. На почетокот на жените овде им беше чудно како сум одлучила од главниот град да дојдам да живеам на село, вообичаено е обратно, но морам да напомнам дека откако јас се преселив по мене дојдоа и други девојки од градска средина да живеат во нашата општина. Јас имам ќерка родена во рурална средина и сакам да остане да живее на село, рече Куротв.

Жителите на Конче за првпат имаа прилика во нивната општина да биде поставена дигитална изложба и тоа било голема радост за нив, додава нашата соговорничка. Првата самостојна изложба на Лејла Куртов „Руралната жена низ објективот“ скопјани ќе можат да ја погледнат на 22 март во просториите на радио-галерија и бар „Оро“.

Целото интервју со Лејла Куртов погледнете го во продолжение:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот