ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Гоџо: Обесштетувањето што треба да го „плати“ државата за загадување е колективна сатисфакција

Александар Гоџо / Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Треба ли да се роди Ерин Брокович во Македонија за да почнеме да дишеме чист воздух? Сега откако за првпат кај нас највисокиот Врховен суд, едногласно, усвои начелно правно мислење, со кое ја задолжува државата да обезбеди здрава и чиста животна средина, на граѓаните им се овозможува да ја тужат државата пред Управен суд поради загаден воздух.
Ова е голем исчекор во нашиот правен поредок на рамниште со светот, вели за „Слободен печат“ адвокатот Александар Гоџо од адвокатско друштво „Гоџо, Кичеец и Новаковски“ од Охрид, подносители на иницијативата.

– Морам да напоменам дека идејата за предизвикување на нашиот правен систем по ова прашање потекнува од Центарот за правни истражувања и анализи. Ова прашање денес не се поставува само кај нас туку и во светот и тангира една нова генерација на права кои се изедначуваат со основните фундаментални човекови права и се предмет на операција на законодавните, извршните и судските органи. И Европскиот суд за човекови права се занимава со оваа проблематика, се радувам што оваа дебата и кај нас се отвори. Драго ми е што Врховниот суд направи правнички исчекор во корист на граѓаните и на судскиот систем – вели Гоџо.

Со овој момент, како што вели Гоџо, се поставиле четири важни прашања за натамошен тек на Управните судови.

– Македонија ги има исполнето речиси сите меѓународни обврски во однос на примена на тие конвенции во нашиот домашен правен поредок. Јас не велам дека нашата држава не се грижи за здрава нација, секоја држава се грижи онолку колку што може, но прашањето е кога таа се обврзува да донесе акционен план, да воспостави систем за мерење, а тоа не го прави, тогаш каде може граѓанинот да бара правна заштита. И со оваа одлука на Врховен, која е за поздрав, се покажа дека тоа ќе биде Управниот суд – додава тој.

Дали е ова индивидуално или колективно право?

– Врховниот суд застана на стојалиштето дека тоа е индивидуално право. Ако треба да се донесе стратегија за мониторирање на амбиенталниот воздух, доколку тоа со закон е предвидено дека треба да се донесе во рок од шест месеци по стапување на сила, а не се донесе, судот ќе може да реагира. Во нашиот правосуден систем ние немаме акциопопуларис (колективна тужба), тоа се оние тужби како кај Ерин Брокович, ако еден што тужи може да предизвика тужениот да ја надомести штетата за сите кои не се приклучиле кон тужбата или се приклучиле само со изјава. Кај нас акциопоуларис нема, но во некоја следна фаза во развитокот на нашето право се очекува и тоа да биде воведено. Кај нас ако некој ја тужи државата за загаден воздух и го добие случајот, државата ќе мора да го примени тоа што го ветила и автоматски за сите ќе се применува, ерга омнес, за сите ќе има чист воздух – обајнусва Гоџо.

Тој нагласува дека овој судски процес досега бил многу комплициран поради важноста да се постави строга линија помеѓу тоа кој ја направил штетата и оштетениот (државниот орган).

– Докажувањето не е воопшто лесно и едноставно. И претходно имаше поднесени тужби од страна на граѓаните против државните органи за чиста животна средина, но тежок е процесот да се докаже, обврска е на тужителот да докаже дека настанала штета со конкретно дејствие на конкретно лице, потребно е директна врска помеѓу оштетениот и оној што ја нанел штетата. Очекуваме отсега пошироко толкување и да имаме похрабри исчекори од страна на судовите – вели нашиот соговорник.

Здравјето не се купува со пари, се поставува прашањето на кој начин ќе му биде обесштетено на граѓанинот доколку го добие случајот.

– Има три типа на обесштетување: сатисфакција, реституција и компензација. Понекогаш забораваме на сатисфакцијата како добивка во еден судски процес. Со самото тоа што се утврдува правото на граѓанинот во еден ваков предмет, сите ние добиваме. Дополнително што овој правен поредок е спремен за дебата на вакви големи прашања, во чекор со светот, исто така е голем успех – рече Гоџо.

Според Гоџо, систем на мониторирање и индивидуална свест и одговорност се клучните фактори.

– Не е сè на терет на државата, потребно е секој да тргне и од себе. Знаете, ако јас го загадувам воздухот, а викам дека дишам загаден воздух, е и тука е проблемот. Кога сите ќе се загрижат за амбиенталниот воздух, тогаш ќе има некаково влијание, а системот на мониторирање е неопходен – вели тој.

 

Во земја која е меѓу најзагадените во Европа, само 0,8 проценти се предвидени за заштита на животната средина од вкупниот Буџет на државата за 2024 година. Дополнително во Македонија Национален план за заштита на амбиентниот воздух не е донесен веќе 8 години.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот