ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Додов: Струмица и Тетово се најиновативните градови во Македонија

Никола Дододв, в.д, директор на Фонд за Иновации

Што се случувало во Фондот за иновации изминативе години? Со доаѓањето на чело на институцијата в.д директорот на ФИТР, Никола Додов побарал ревизија која сè уште e во тек. Засега е познато дека шеесет фирми, меѓу кои и приватни здравствени установи го оштетиле буџетот на Фондот за 3,2 милиони евра.
Во дел од медиумите се шпекулираше дека на овој список се нашле компании поврзани со функционери од поранешната власт. Додов е категоричен дека овие информации не се излезени од Фондот.

– Ние ги знаеме имињата на фирмите, но во интерес на истрагата нема да ги соопштам сега, наскоро јавноста ќе биде запознаена и со тоа, секако дека ќе кажеме. Овие информации што протекоа во јавноста не се од нас – вели Дододв.

Се работи за компании кои биле финансирани во последниве шест години. Проверките кои Фондот ги прави утврдиле нерегуларности.

– Нашите процеси утрдија дека кај овие фирми имало незавршување на проектните активности, односно кога ќе дошло до момент на раскинување на договорот, што подрзабира и повраток на средствата добиени од Фондот, овие договори биле ставани во фиока и не се постапувало по нив – вели тој.

Додов бил изненаден од тоа што го начекал, случаи каде компании коишто добиле пари од Фондот не поднеле извештаи, компании што не ги реализирале активностите предвидени во преоктната апликација за којашто добиле пари.

– Кога Фондот ѝ дава пари на некоја фирма, ако нејзиниот проект е неуспешен, тогаш по автоматизам се раскинува договорот и тие средства треба да бидат вратени, но од овие шеесет компании никој не вратил пари – рече Додов.

Ревизијата открила и кои се наиновативните градови, односно со најголем број поднесени проекти по глава на жител.

– Струмица и Тетово статистички се најиновативните градови во Македонија – одговори Додов на нашето прашање.

Фондот дава премногу шанси, објасни нашиот соговорник, фирмите треба да репортираат на секој квартал. И проблемот, како што вели тој, не е во тоа ако некој добил пари, но бизнисот не му успеал, туку кога не ги трошиш парите за тоа за што ти биле дадени.

– Имаме надворешна ревизорска куќа која ги прегледува сите докименти, исплати, што е спроведено и на крај се прави теренска активност кога и се утврдуваат аномалиите со кои се соочуваме во моментов. Ревизорите даваат свое мислење, се работи за надворешно странско тело кое одлучува кој ќе биде финансиран – рече Дододв.

Тој нагласува дека тоа што Европската комисија нотираше одреден напредок за усогласување со европските стандарди за истражување и иновации на земјава во областа на науката, во објавениот Годишен извештај е многу охрабрувачки момент.

Фондот за иновации, по некои европски индикации е на петто место по успешност.

– Тоа е одлично ниво, но наша цел е да го реформираме Фондот и да го доведеме на уште повисоко скалило и да продолжиме напред со следење на европското законодавство, практики за развој на бизник екосистемот, развој на иновациите, воведување на нови проекти и услуги во самите компании – рече Додов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот