ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Дана Сиљан, инструкторка по таи чи чуан: Ако сме мудри, тогаш ќе знаеме како да ја користиме слободата

Дана Сиљан,инструктор по таи Чи Чуан- / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Во оваа епизода на „Слободен печат“ гостува Дана Сиљан – инструкторка по таи чи чуан и авторка на книгата „Древната војна со стресот“. Нејзиниот пат во светот на источната филозофија и боречките вештини започнува уште во раната младост, со гимнастиката, со интересот за источните дисциплини, а особено со таи чи чуан и чи гон, како и со таоизмот и будизмот, кои сосема случајно ја водат на оваа интересна патека.

-Еден другар на брат ми ми кажа дека ќе оди на тренинг по таи чи чуан во Аеродром, а јас го прашав дали може и јас да дојдам? И така тргна работата – вели Сиљан за „Слободен печат“.

Сиљан е основач на клубот „Феи лонг“ и на македонската Вушу федерација. Таа е магистер по социјална работа. На почетокот Сиљан се соочила со секаки стигми со оглед на тоа што била жена тренер по борбени вештини. Но таа докажа дека една жена може да биде успешен учител, кој води клуб и федерација.

Како што вели таа, со текот на времето интересот за овие вештини сè повеќе се зголемува.

– Луѓето имаат потреба од овој спорт поради брзиот начин на живот и немањето време да се испроцесираат сите доживувања во текот на денот – вели инструкторката.

На првото Вушу натпреварување за земјите од Југоисточна Европа, одржано во Турција во 2014 година, Сиљан освоила златен и бронзен медал.

Како тренер, на второто балканско Вушу натпреварување во Грција, во 2015 година, го предводела тимот до освојување на два сребрени медали. Во 2014 година, Дана Сиљан го добива мајсторскиот чин „дуан веи“, што ја прави првиот сертифициран учител по таи чи чуан и чи гонг во Македонија.

Овој успех ја поставува на врвот на македонската сцена на источните боречки вештини и иконата на културата на самоусовршување.

– Мислам дека засега сум единствена во боречките вештини и спортови, како учител кој води клуб и федерација – вели Сиљан за „Слободен печат“

Дана Тајчи / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Магистерскиот труд по предметот психологија, на тема „Примена на медитативни техники во справувањето со стресот“, станува основа за нејзината книга „Древната војна со стресот“, која го претставува нејзиното знаење и искуство во една пристапна форма за пошироката читателска публика.

Дана Сиљан, инструкторка по таи чи чуан/ фото: приватна архива
Дана Сиљан, инструкторка по таи чи чуан/ фото: приватна архива

Честопати соработувала со тренери од САД и од соседна Србија, патувајќи на часови во Белград, а нејзината упорност се исплатила со добивањето мајсторски чин „дуан веи“, со кој и официјално станала учител (сифу) на оваа древна вештина, и тоа првиот сертфициран учител по овие вештини во нашата земја.

Дана Сиљан, инструктор по таи Чи Чуан-/ Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Дана Сиљан е вистински пример како овие вештини можат да се интегрираат во современото општество, помагајќи не само на личниот развој, туку и на колективната благосостојба. Како силна жена во овој спорт, за интервјуто за „Слободен печат“ таа додаде:

– Ако сме мудри, тогаш ќе знаеме како да ја користиме слободата. Ако бидеме и мудри и слободни, тогаш ќе бидеме автентични. Ова се однесува особено на жените, кои треба да се обидат да излезат од конвенционалниот живот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот