ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Д-р Ристовски: Бројот на инфаркти е енормно зголемен во септември

Владимир Ристовски/Фото: Слободен печат- Методи Здравев

Се зголемува ли бројот на кардиолошки пациенти во државата? Колкава е смртноста? Има ли доволно термини за преглед? Дали септември е пикот кога има најмногу закажани кардиолошки пациенти и се вградуваат најмногу стентови? Утрово во емисијата „Слободен печат“ одговор побаравме од доктор Владимир Ристовски, специјалист интернист, супспецијалист кардиолог од Градската општа болница, „8 септември“.

Доктор Ристовски потврдува дека септември е вообичаен месец кога во нивните амбуланти има зголемен број на пациенти бидејќи е прв месец по годишните одмори.

– Бројката во амбулантите е значително зголемена. Се зголемува и во следните месеци, а зголемен е и бројот на инфаркти. Дневно се прегледуваат повеќе од 150 пациенти само во нашите амбуланти каде што имаме и секундарни прегледи како коронарен стрес, кардиолошки прегледи, ехокардиографијата, па тие бројки се значително поголеми. Инаку, покрај месец септември, голем број на инфаркти има и по новогодишните празници. Луѓето се опуштаат со голема колилина храна и алхохол, а сите тие се ризик-фактори коишто приденесуваат да имаме полни раце работа – вели Ристовски.

Тој објаснува дека главен ризик-фактор е стресот, но и цигарите и несоодветната физичка активност.

– Последните години тоа особено се забележува кај земјите со низок социоекономски статус, како што е и нашата држава, стресот многу влијае на зголемен број на кардиоваскаларни болести. Тука е и зголемената вредност на маснотиите, покачениот крвен притисок. Општо познато е дека еднаш годишно кај помладата популација треба да се направи проверка на крвта, а кај повозрастните на 6 месеци. Треба да се направи коронарен стрес и ехокардиографија како превентива – вели докторот.

Тој објаснува дека жените во однос на мажите се позаштитени. Најмладите пациенти се на 25-30-годишна возраст.

– Границата на инфаркти е намалена, сега сè повеќе млади пациенти доаѓаат во нашите амбуланти. Во нашата установа, најмлад пациент кој е стентиран е околу 25-26-годишна возраст. Најстариот пак е на 90 години. Има многу прегледи и мислам дека не можеме да постигнеме, бидејќи има недостиг на високообразован и среднообразован медицински персонал, за да се прифати целокупното население. Секој лекар еднаш неделно има термин за амбуланта, каде што прави повеќе од 25-30 прегледи – вели Ристовски.

И во светски рамки расте бројот на кардиоваскуларни болести, објаснува докторот. Глобално, околу 17 милиони пациенти умират од кардиоваскуларни болести годишно.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот