ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Д-р Пљакоска: „Морфеус“ без хирургија ги брише годините, лузните и стриите
Има ли начин да се поттикне лачењето на природниот колаген како во младоста, што се постигнува со новите ласерски технологии? Каков апарат е „Морфеус“ и за што се користи? На оваа тема зборуваме со д-р Весна Пљакоска, дерматовенеролог, субспецијалист по естетска хирургија од приватната болница „Аџибадем Систина“. Таа објаснува дека во нивната болница има посебен оддел кој се нарекува центар на перфекција каде што практично прават спојување на повеќе специјалности.
Препорачано
– Во тој центар се поврзуваат ласерите и хирургијата, тука ги врзуваме сите тие гранки, зависно од потребата на нашите клиенти. „Морфеус“ е нов апарат што врзува два начина на работа. Тоа се, всушност, микроигли, заедно со радиофреквентна енергија. Начинот на работа е преку навлегување, пенетрирање на тие микроигли во кожата, ја боцкаат и ја внесуваат радиофреквентната енергија во длабочината во ткивото. Обично оди од 4 милиметри максимум на лице, до 8 милиметри може да навлезе во длабочината на телото. Со овој апарат работиме и лице и тело. Откако ќе навлезат тие микроигли во кожата, тие ја пренесуваат радиофреквентната енергија, којашто сама по себе кога ќе навлезе во ткивото, прави топлински ефект. Целта е да може да поттикне стимулација на колаген и на еластин – вели Пљакоска.
Таа објаснува дека ова е неинванзивен, нехируршки начин кој помага кожата да се затегне, да се обнови и да се регенерира. За самиот третман вели дека е подносливо болен, се нанесува локален анестетик и после 30 до 40 минути се прави третманот. Има пецкање, но третманот трае 10-15 минути.
-Времетраењето на третманот зависи од тоа која регија ја работиме. Се работи цело лице, подбрадок, тело, стомак, бутини, надлактици. Црвенилото е апсолутно очекуван ефект, затоа што таа радиофреквентна енергија прави едно нормално црвенило на кожата кое поминува за еден до три дена – вели докторката.

На прашањето колку подмладува третманот, докторката вели дека ефектите се видливи после втората недела, а кај некои после четвртата недела.
-Најдобриот резултат што се гледа, е некаде вториот, третиот месец, а може да оди максимално до шест месеци на подобрување. Најдобрите препораки се да се направат два до три третмани кои ги правиме на четири до шест недели – вели Пљакоска.
Во однос на времетраењето колку траат ефектите од третманот, докторката вели дека поттикнато е создавањето на новиот колаген, подобрен е тонусот, зајакната кожата, но секако не ги запираме годините. Како што поминуваат годините, нашата кожа повторно на природен начин полека старее, или на некој начин се опушта.
-Тековно ако сакаме да го одржиме квалитетот на кожата, треба да правиме повремени третмани на одржување. Доколку работиме со „Морфеус“, вообичаено после тие три третмани велиме дека третман на одржување би бил еднаш годишно во просек – вели Пљакоска.
Овој апарат се користи за стомак, за отстранување на стрии, ремоделирање на масното ткиво. Докторката вели дека после ласерските третмани индивидуален е пристапот за пациентите за користење на ботокс и филери или друг тип на ласер.
-Ние ги адаптираме постапките според потребата на самиот клиент. Докторот го адаптира соодветниот ласер кој треба да го постигне ефектот кој го бара пациентот. Зависи од временскиот период, од возраста на личноста, од типот на кожата, од подносливоста на болката. Можеби ласерот е, да кажеме за нијанса поболен за разлика од „Морфеус“ – вели Пљакоска.

Таа објаснува дека со ласерите се третираат и акни од лузни. Вели дека тоа е многу изискувачка метода, треба време и има потреба од најмалку пет третмани. На пациентите им препорачува да се обратат кај стручно лице коешто може да одвои време за да направи процена за еден индивидуален пристап.
-Пристапот треба да биде индивидуален, потребата на пациентот е приоритетна и се почитува, согледувањето од страна на терапевтот е да се видат реалните проблеми и потреби и да го избереме најсоодветниот третман, апаратура којашто ќе придонесе да го имаме посакуваниот ефект без да го нарушиме здравјето. Целта е да ја подобриме состојбата, односно да добиеме разубавување. Колку што можеме со помалку работи да го одржиме природниот изглед, да го разубавиме лицето, без да нарушиме нешто што постои – вели Пљакоска.


