Д-р Јасмина Ѓеоргиева Павловска / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Д-р Ѓеоргиева Павловска: Пациентка на 80 години побара реконструкција на дојка

Карциномот на дојка е еден од најчестите карциноми од кои заболуваат жените. Но доколку се открие на време, се лекува. Лекувањето многу често завршува со мастектомија, односно жената останува без дојка. Дали операцијата ја покрива Фондот за здравствено осигурување, колку методи на реконструкција на дојка има, колку често се прави на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија? Колку борбата да се задржи младешкиот изглед поминува во зависност и дали кај нас се прават операции за промена на полот? За сите овие теми зборуваме со директорката на Клиниката доктор Јасмина Ѓеоргиева Павловска.

Докторката вели дека жената е жена кога е комплетна. Доколку се изгуби една града се губи и женственоста и останува психичка траума.

– Колку и да мислиме дека тоа може да се помине, бидејќи жената се изборила со заболувањето, останува психичката траума. Мастектомијата на некој начин ги осакатува жените. Реконструкцијата се прави на неколку начини, со мускулно ткиво со кожа, може да се додаде имплант, може да се користи масно ткиво од стомак, заедно со кожа. Поедноставна варијанта се експандери, коишто го зголемуваат ткивото, односно кожата и на крај се става имплантот. Во последно време реконструкција се прави и веднаш по мастектомија – вели Павловска.

Пациентките првично се на онкологија, примаат хемотерапија, торакалните хирурзи, ја прават мастектомијата, пластичарите реконструираат дојка, а потоа ако има потреба, се продолжува со онколошката терапија.

Д-р Јасмина Ѓеоргиева Павловска- директорка на Клиника за пластична и реконструктивна хирургија

– Имавме пациентка која на околу 80 годишна возраст која имала мастектомија пред години изрази желба за реконструкција. Доколку анестезиолошки нема никаква контраиндикација, тогаш годините не се никаков проблем. Доколку има мастектомија тогаш Фондот за здравство го покрива само оперативниот зафат за реконструкција на отстранетата дојка. Другото доколку пациентката сака изедначување на градите си доплаќа сама – вели докторката.

На Клиниката за пластична хирургија се прават и естетски операции, како намалување на дојки кај жени кои имаат екстремно големи гради, но се прават и естетски операции после завршувањето на редовната програма на операции.

– Од 2007-2008 година почнаа да се работат за прв пат, како дополнителна дејност, и можам да кажам дека сè поголем е бројот и одзивот поради тоа што нашите цени се најниски во регионот, а квалитетот е на највисоко ниво. Се ставаат импланти за зголемување на гради, а често тие се и подарок за 18-ти родененден. Како подарок сме имале и операции на нос – вели Павловска.

Објаснува дека има и пациентки кои бараат да им се вградат екстремно големи импланти.

Д-р Јасмина Ѓеоргиева Павловска- директорка на Клиника за пластична и реконструктивна хирургија

– Јас лично сум одбила и прв пат беше пред 10 години кога пациентка доаѓа со слика со екстремно големи гради. Вели сакам вакви. Ја прашав зошто ѝ се, дали ѝ се потребни за работа, не знам која професија ја има или за лично задоволство. На крај сепак ставивме помали импланти – вели докторката.

На Клиниката се прават и лифтинзи, но и пластични операции на лице. Објаснува дека често се случува пациентите да дојдат со фотографија и да бараат да наликуваат на некого, но тоа е нереално.

– Гледаме сè да биде во границите на нормални вредности. Да не го смениме целосно ликот. Некои имаат покрупно лице, сакат помало носе, а не одговара. Сепак, хармонијата, мора да ја задржиме на лицето, за да може кога ќе се видат после во огледало, пак да бидат убави – вели докторката.

За постојаната потреба да се задржи младешкиот изглед вели дека трендот е сега и од најмала возраст да се почне со антиејџинг, се почнува со креми, а потоа и со корекции уште додека се млади.

– Социјалните мрежи се тие коишто наметнуваат и нереални слики, обично наметнуваат трендови коишто сакаат младите да ги видат. Сепак јас останувам за природниот изглед, за да не се менува ликот. Не можам борбата да се зачува младешкиот изглед да ја наречам зависност, туку континуирано одржување на лицето за помлад изглед – вели Павловска.

На нивната клиника имале и пациенти за промена на пол. Се оперира сè, освен половиот орган, за тоа се оди во Белград.

Д-р Јасмина Ѓеоргиева Павловска- директорка на Клиника за пластична и реконструктивна хирургија

Пациентите кои имаат изгореници од Кочани, ќе ни бидат доживотни пациенти

Трагедијата во Кочани каде што изгореа млади луѓе, остави длабоки траги врз сите нас, вели Павловска.

– Тие пациенти од Кочани ќе бидат наши пациенти со години. Првично беше да им ги спасиме животите, значи борбата да се живее, да можат да бидат меѓу нас, а сега доста од нив имаат и лузни коишто созреваат. Тие лузни треба да се види како ќе созреат, дали ќе дадат и понатамошни проблеми. Каде што има потреба ќе има и оперативни зафати. Веќе одиме со ПРП и автологни егзозоми коишто ги аплицираме и даваат навистина одлични резултати во намалување на тие лузни, во намалување на созревањето на лузната. Тие пациенти се наши пациенти и ќе бидат до крај на нивниот живот – вели докторката.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот