Д-р Татјана Баевска Вучковиќ / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Д-р Баевска – Вучковиќ: Со еден тест од 295 алергени на молекуларно ниво се докажува алергија

Зимата покрај ладното време носи и магла, но и загаден воздух. Како загадениот воздух влијае на здравјето на децата и возрасните? Има ли начин некако да се заштитиме? Како се прави разлика меѓу настинка, грип и алергија? Како се докажува? Утрово на оваа тема околу загадувањето, меѓутоа и за новите методи на детекција и испитување, зборуваме со

Д-р. Спец.Субспец. Татјана Баевска Вучковиќ педијатар, пулмолог – алерголог од ПЗУ поликлиника „Биотек“.

Таа објаснува дека „Биотек“ – лабораторијата, покрај класичните стандардни техники на лабораториски иследувања, започна пред неколку години и со воведување на молекуларна дијагностика за респираторни инфекти, општи инфекти, атипични организми и останато.

– Последната новина со којашто започнуваме во дијагностика е молекуларна алергологија. Тестирањата за алергени ги покачуваме на едно повисоко ниво во однос на молекуларна дијагностика, којашто има доста предности во однос на специфичност, на точност и станува збор за докажување на молекуларен алерген. Ако во стандардните тестови го докажуваме целиот алерген во молекуларната алергологија, станува збор за главен алерген, којшто има сегменти од сите протеини, значи, којшто ја создава таа молекула. Важно е што се работи до најмалата молекула и затоа тестот се нарекува алерго-нанопанел – вели Вучковиќ.

Тестот содржи 295 алергени. Има главни протеини и екстракти од протеини. Тестот дава предикација и автоматски софтверот  обработува кои се позитивните докажани алергени.

Д-р Татјана Баевска Вучковиќ / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

– Ако во семејството двајцата родители се алергични, 70% детето наследува, ако е едниот, 50%. Значи, по вертикална и по хоризонтална до трето колено се оди бидејќи алергиските заболувања се со генетска предиспозиција. Многу е важно овој тест да се направи во рана возраст, па и понатаму во позрела возраст, бидејќи некогаш се менуваат алергените, посебно кај децата – вели докторката.

Испитувањата се екстерни, се прават преку крв, а резултатите се добиваат за 24 часа. Може да се прави и кај бебиња со навршени 6 месеци возраст. Предноста е што е безбеден, нема опасност од системска реакција.

За загадениот воздух вели дека состојбата е алармантна. Во зима меѓу препораките на надлежните е и проветрување. Но наместо чист воздух, влегува магла и загаден воздух, а тој прави иритација.

– Ако вие сте алергични или имате вироза, ви тече нос, кашлате, кивате, ако излезете надвор и сте подолго време во период кога има најголема загаденост, таа клиничка слика ќе ви се влоши и сето тоа влијае долгорочно на оштетување на слузницата. Превенцијата е најдобра заштита. Одржување на лична хигиена, често промивки на носот со солен раствор, одржување на добар имунитет – вели докторката.

Таа објаснува дека кај малите деца до 5 години, 8-10 епизоди во есен-зима се нормални, а над петтата година веќе се изретчуваат тие состојби. Терапијата главно е со антихистаминици, инхалации со кортикостероиди.

Д-р Татјана Баевска Вучковиќ / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

– Последните години, на високо трето место, стојат алергиските заболувања. Кај децата 35% од патологијата што се појавува, па и кај возрасните, е на основ на алергиско заболување. Тој тренд е во пораст, пред сè во урбаните средини. Се должи на загаден воздух, нечистотија, загадена почва, голема урбанизација, помали зелени површини, отсуство од престој во природа на отворено, трендот на живеење ни се промени, повеќе сме по молови, помалку во природа – вели Вучковиќ.

Препорачува употреба на солен раствор кој секој од нас треба да го има со себе кога престојува на отворено, кога ќе дојдат денови на висока загаденост.

-Добра исхрана, престој во природа, физичка активност, сето оно што би имало влијание на зголемување на имунитетот за да може да се одбраниме од сите овие причинители на вирози во текот на зимата – вели докторката Вучковиќ од приватната поликлиника Биотек.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот