ВИДЕО+ФОТО: Пустош во тетовските села, поплавени домови, кал и камења до колена, уништена инфраструктура

Фотo: Слободен печат

Мештаните од тетовските села Непроштено, Лешок и Теарце ги пребројуваат, но и санираат штетите од синоќешното невреме, кое го зафати овој дел на тетовско.

Има многу поплавени домови, оштетена пред се патна инфраструктура, а на улиците и другите јавни површини има кал до колена.

Фото: Слободен печат

Постарите жители велат дека не паметат вакво невреме уште од 1963 година, кога Долни полог беше буквално под вода.

Но и вчера после 50 години се повтори истата приказна, вели 70 годишниот Вело Томовски од тетовско Непроштено.

Врнеше силен дожд и град еден час. Од Шара големи наноси од земја песок и кал се спуштија во селото, а реката го поплави дел од селото, вели Томовски.

„Вчера околу 19 часот, еден час врнеше многу дожд, јас имам 70 години ова не го паметам во мојот живот, реката се донесе од Шара. И во 1963 година имаше големо невреме, но тогаш врнеше 3 дена, сега оваа штета е направена за еден час“, вели Томовски.

Синоќа мештаните со механизација успеале да го прошират речното корито на Непроштенска река, спречувајќи водата да не нанесе поголеми последици. Но и во долниот дел од селото сликата а катастрофална.

Подрумот и гаражата на семејството Исаиловски тоне во кал, таква е состојбата и кај неговите соседи.

Водата велат од семејството ни ги однесе дрвата за огрев стотина метри подолу по патот. Мештаните истакнаа дека немањето соодветна инфраструктура е главниот проблем за последиците кои ги трпат мештаните после вакви невремиња.

Фото: Слободен печат

„Вчера надојде водата, такво невреме немам видено. Општината треба да направи канали покрај патот каде би се апсорбирала и течела водата при вакви невремиња“, истакна Александар Исаиловски жител на село Непроштено.

„Големото невреме кога надојде водата се однесе. Водата од реката поминува низ цевка и надоаѓа дрво или камен и цевката за запушува, затоа треба мост да има и да оди слободно водата под мостот, а не низ цевка. Решение е тука да има мост“, додаде соседот на Исаиловски.

И во Теарце село на неколку километри од Непроштено состојбата е очајна. И таму мештаните сметаат дека општината треба поголемо внимание да обрне на инфраструктурата да го регулира шарските водотеци, но и да изгради соодветна атмосверска канализација.

Градоначалникот на Општина Теарце Нухи Незири, вели дека општината работи на планови за изградба на соодветна инфраструктура како би се избегнале вакви штети

„Ние како општина интервениравме и спречивме поголеми излевање. Ние вчера интервениравме и со пожарникари со кои вршевме испумпување на водата. И од наша страна се детектирани недостатоци како канали за атмосверска вода, тоа е наследен проблем. Ние планираме да се изгради мост а не водата да поминува низ цевки, значи да се изгради класичен мост кој ќе ги прифаќа сите води во Непроштено“, изјави градоначалчникот на Општина Теарце Нухи Незири.

Како голем проблем и мештаните и локалните власти ја лоцираа и дивата сеча на Шара, која ги засилува ерозивните процеси како синоќешните, кога наноси од земја, кал и камења од планината за многу кратко време завршија на јавните површини, но и во домовите .

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот