ВИДЕОАНКЕТА: Што мислат граѓаните за воспоставување „фабрики за вештачка интелигенција“ во Македонија?
Европската комисија неодамна ја најави иницијативата за проширување на програмата „Фабрички антени за вештачка интелигенција“ (AIFA) во седум земји членки и шест партнери на Европската Унија, меѓу кои се најде и Македонија.
Овие центри, наречени „фабрики за вештачка интелигенција“, ќе имаат пристап до европската инфраструктура и компјутерската моќ, со цел развој на иновации и нови технологии во регионот.
Препорачано
Идејата е амбициозна — дел од иднината на вештачката интелигенција да се создава токму во Европа, а можеби и во Македонија.
Тимот на „Слободен печат“ излезе на терен за да дознае што мислат граѓаните за оваа иницијатива и дали Македонија е подготвена да ја прифати оваа можност.
Дали граѓаните користат вештачка интелигенција?
Најголемиот дел од анкетираните одговорија дека се запознаени со поимот, но не ја користат активно.
„Не сум користел, ама сум гледал на Фејсбук нешто, во Америка, во Италија“, ни рече еден господин.
„Сите ја користиме, знам“, додаде една госпоѓа, која смета дека технологијата веќе е дел од секојдневието.
Млада девојка ја гледа пошироката слика:
„Ние зборуваме дека Четџипити е вештачка интелигенција, ама тоа е само дел. Вештачката интелигенција треба многу повеќе да се разработи за да можам да кажам дека ја користам.“
Сепак, некои се скептични:
„Во Македонија сè уште не верувам дека би напреднала“, рече еден млад човек, додека друг додаде:
„Повеќе си верувам на себе, отколку на вештачката интелигенција — прави киксови, граматички грешки.“
Дали Македонија треба да ја искористи шансата на ЕУ?
Мислењата беа поделени. Некои граѓани ја гледаат можноста за развој и нови вработувања:
„Добро, нека има вработувања, нека бидат добро платени“, „Македонија треба сè да искористи што може да ѝ се даде како можност“.
Други, пак, сметаат дека земјата не е подготвена за вакви технолошки чекори:
„Па мислам дека сè уште за Балканот тоа е прерано.“
„Некои работи се многу поважни од таа вештачка интелигенција. Основните работи сè уште не сме ги расчистиле“, рече еден господин.
Дел од граѓаните изразија загриженост за влијанието што вештачката интелигенција може да го има врз размислувањето на човекот:
„Мислам дека секој човек е створен сам за себе да размислува“, изјави една госпоѓа, која е против воведување фабрики со ваков тип технологија во земјата.
„Не сум толку скептик, ама не верувам дека многу би се проширило кај нас. Дигитализацијата е послаба страна во Македонија“, рече еден случаен минувач.
Анкетата покажа дека граѓаните се свесни за потенцијалот на вештачката интелигенција, но и дека постои недоверба во тоа колку земјата е подготвена инфраструктурно и институционално за вакви проекти.


