ВИДЕОАНКЕТА | Колку време чекате автобус во Скопје?

Видеоанкета/Фото: Слободен печат- Принскрин

На топлото време автобус се чека и по еден час, нередовните автобуски линии создаваат нервоза кај скопјани коишто не можат да си ги завршат дневните обврски по кои тргнале. За помал дел од нив автобусите се редовни, не се соочиле со макотрпно чекање, ова се вообичаено луѓето кои живеат во населба Аеродром каде што има поголем број автобуски линии.

Во нашата анкета дознаваме дека граѓаните не се задоволни и од хигиената на автобусите, ретко кој од анкетираните кажа дека не забележале нечистотија, а турканиците во автобус кои се создаваат за време на шпицот или кога автобусот доцни се посебна тема за дискусија, велат анкетираните пред камерата на „Слободен печат“.

– Не сум задоволна од градскиот превоз, пред некој ден чекав еден саат автобус. Јас сум од периферниот дел на градот, кај нас автобусите и онака се ретки, што да правиме кога доцнат и тие малкуте на распоред?! Навистина ова не е во ред, не знам кој е виновен, но треба да се реши овој проблем – вели една госпоѓа.

Според еден скопјанец, автобусите се многу ретки, деновиве забележал дека чека и подолго од вообичаено.

– Многу чекам, нема никаков ред. Електронската табла што покажува за колку време ќе дојде автобусот не е точна – вели тој.

За скопјанката којашто чекаше број 21, автобуските линии во Скопје се „катастрофа“.

– Еве веќе половина час чекам автобус, одам накај с. Бардовци, брзам да стигнам кај син ми да го чувам внукот, понекогаш ми се случува да чекам и по еден саат. Дали е тоа во ред?! Дополнително на топлото не се издржува – вели таа.

Друга госпоѓа се пожали од линијата број 27.

– Имаме сериозен проблем со автобусот број 27. Зима или лето, ние се соочуваме со истиов проблем. Сега ја има линијата на еден саат и десет минути. Кажете ми дали е тоа хумано на топлото?! Бидејќи го нема, мораме да одиме пешки до автобуската за да чекаме „петка“, а оваа постојка ни е пешки 20 минути, на топлото – вели таа.

Анкетираните не се задоволни од хигиената во автобусите, повеќето од нив пред нашата камера кажаа дека треба повеќе да се внимава на тоа, но тоа што не е чисто го препишуваат и на корисниците на автобусите.

– Платнените седишта не се покажаа како добри за нашиов народ – вели една скопјанка.

Погледнете ја целата анкета во продолжение:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот