Фото „Слободен печат“/ Валентина Живковиќ
Протест за спас на Дошница/ Фото: „Слободен печат“/ Валентина Живковиќ

ВИДЕО | Зошто активистите со жив штит ја бранат кристалната река Дошница на Кожуф?

Викендов на планината Кожуф еко-активисти поддржани од присуството на шведската „колешка“ Грета Тунберг протестираа против изградбата на мали хидроцентрали на реката Дошница.

Грета Тунберг со македонските активисти на протестната блокада за спас на Дошница на Кожуф / Фото: Валентина Живковиќ / Слободен печат

Активистите пред камерата на „Слободен печат“ објаснуваат зошто изградбата на мали хидроцентрали е погубна за недопрената природа на Македонија.

Кристијан Алчинов од „Спас за Дошница“ и „Зелена народна стража“ вели дека кога ќе се спомене терминот мала хидроцентрала, сите мислат дека тоа е мал објект на реката кој ќе создава електрична енергија за да „светат пет ламби“. Но, според него тоа не е така и разликата меѓу малите и големите хидроцентрали мора да се направи – малите хидроцентрали се поопасни за биодиверзитетот.

– И онака малите планински реки имаат мал проток. Некои реки знаат и да пресушат во текот на летниот период, откако ќе помине топењето на снегот. Кога ќе се запре реката на едно место, а во неа има животински и растителен свет, а реката е природно живеалиште на таквата флора и фауна, кога ќе го сопреме тоа – ќе го уништиме и ќе направиме комплетна девастација на речното корито. <Тоа ќе доведе до загрозување на егзистенцијата на ваквите видови, кои не само што се во изумирање, туку треба да се под огромна заштита, објаснува Алчинов.

Фото „Слободен печат“ / Валентина Живковиќ
Протест за спас на Дошница/ Фото: „Слободен печат“ / Валентина Живковиќ

Од друга страна, според него, во должина од 4 километри реката да се стави во цевка, а таа и онака има мало речно корито е една огромна катастрофа.

Имаме уште една небулоза на реката Дошница, а тоа е што долното течение веќе е во процедура да се заштити односно целиот слив да биде заштитен, а горниот тек сега допрва треба да се уништи. Поголема небулоза во последните 15 години не сум слушнал. Од друга страна, законот е така скроен во Македонија за до 1 мегават, не е потребна студија за влијанието врз животната средина, туку поминува само со едно парче хартија од еден човек – елаборат. Не може во конкретниов случај, еден шумарски инженер со еден лист хартија да декларира дека нема да има никакво влијание изградбата на двете хидроцентрали „Папрат“ и „Баров дол“ врз животната средина и врз целокупниот жив свет што го има реката Дошница и Кожуф планина. Тоа е недозволиво. Едно од барањата и клучното барање е студија за влијанието, па понатаму да се продолжи со ваквите проекти ако тое е некако изводливо. За нас е неприфатливо, рече тој.

Фото „Слободен печат“ / Валентина Живковиќ
Протест за спас на Дошница/ Фото: „Слободен печат“/ Валентина Живковиќ

Според него во Македонија не постои баждиран апарат и соодветна институција која може да го мери протокот на реката.

Во моментов во државата имаме 98 мали хидроелектрани, планирани се над 200 други. Каде сите тие би поминале само со елаборат, без студија и за волја на вистината никој не може да измери проток. Не може во цела Европа да се рушат веќе постоечките мали хидроцентрали, а ние во Македонија допрва да ги правиме, рече активистот.

Според него, таквата погубна политика ќе ги остави сите ниски населени места без вода

Ваквите хидроцентрали до 1 мегават се планираат и поминуваат, само и единствено со цел сопствениците да имаат овластени тарифи и да може да ги користат како алиби за подигање зелени кредити од европските и светските банки. Овде, со таква една активност ние губиме многу. Како луѓе и жители. Прашањето е дали целта ги оправдува средствата? Што ќе се постигне освен нивниот личен профит? Дали ова е индиректно државно лихварство? Од каде 30 години со договор им е загарантиран откупот на електрична енергија? И тоа, ако во моментов 1 мегават час чини 40 евра, за нив ќе биде исплатен по цени до 120 евра по мегават час. Каква ли е оваа политика која ја има само за малите хидроцентрали? Која е таа елита, кои се тие луѓе, која е таа подземна мрежа која што си ги стокмила законите тие да функционираат за нив, а да профитираат од сите нас граѓаните?, праша Алчинов.

Фото „Слободен печат“ / Валентина Живковиќ
Протест за спас на Дошница/ Фото: „Слободен печат“/ Валентина Живковиќ

Тој испрати порака дека Македонцецот носи длабоки корени, истраен е и трпелив, но не треба да се тестира трпението на народот.

Не си играјте со огништето, не си играјте со основните егзистенцијални ресурси на луѓето. Македонецот знаел и знае и пораката е јасна. Од овде тргнуваме за заштита на целокупниот биодиверзитет, природата и ресурсите наши македонски. Ваквите црни облаци ќе ги растераме, без разлика колку жртва, време и енергија ќе бидат потребни за тоа, рече Алчинов.

Активистот Ѓорги Георгиоски од „Спас за Прилеп“ и „Зелена народна стража“ рече дека движењето „Зелена народна стража“ е сосема ново, навршува неполни 2 месеци и е организирано од луѓе од цела Македонија.

Зошто сме создадени? Тоа е семакедонско движење за обединување на народот. Не не интересираат политики и идеилогии, не се бориме за тоа. Зборуваме за семакедонско обединување зашто Македонци, загадени ни се воздухот и водите. Нашата држава е под силен напад на отворање нови рудници. Македонија е предвидено во голем дел од територијата да стане рударска зона. Имаме силен напад за ветерници кои се доста штетни за околината и животната средина. Тука влегуваат и сончевите градини, со таков сладок, примамлив термин. Потоа заземање на питките води и увоз на странски отпад. Затоа се создадовме како Зелена народна стража и ги повикуваме сите обични луѓе дека е дојдено време да се обединиме и само така можеме да се избавиме од она што не снашло, рече Георгиоски.

Активистката Сара Александровска зборуваше како предците живееле многу поврзани со природата, со водите, шумите и со животните и тие мотиви се среќаваат и во нашите песни и во нашата историја. Тој дисконтинуитет на поврзаност со природата, според неа се случува во еден дел од нашата историја.

Не знам како успеале и кој го направил тоа, да не дисконектираат со живиот свет. Еве сега после толку многу години, зачмаени во сивилото каде се бориме за воздух, пак се раѓа тој импулс да се поврземе повторно со мајката природа. Гледам дека тој импулс не се случува само кај нашиот народ, туку дека станува глобален импулс и човекот се буди од длабокиот сон. Нема некоја норма или аспект што е побитен од зачувувањето на природните добра. Не само зачувувањето туку поврзувањето и почитувањето. Мислам дека денеска имаме технологија што може да направи апсолутна симбиоза меѓу човекот и природата и да живееме во една голема рајска градина наспроти ова лудило кое ни се случува и во кое живееме и каде се гледаат само практични работи а животот е константно ставен во втор план, рече Александровска.

Блокадата на активистите е крик за обединување, а нивниот главен апел е да си ја зачуваме природата бидејќи без неа не можеме да живееме, а и кога би можеле таквиот живот би бил со многу низок квалитет. Нивната блокада сѐ уште трае.

Фото „Слободен печат“ / Валентина Живковиќ
Протест за спас на Дошница/ Фото: „Слободен печат“/ Валентина Живковиќ

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот