Фото Слободен печат Драган Митревски
Фото Слободен печат Драган Митревски

ВИДЕО | Вработените од пералницата на Клинички останаа на улица – 11 месеци без плата

Вработените во пералницата на Клинички центар денеска викнаа новинари за да ја известат јавноста дека 11 месеци се без плата а 3 месеци се без работа. Според Жаклина Блажевска која 24 години работела во пералницата при Клинички центар „Мајка Тереза“ облеката на хирурзите, чаршафите од операциите сега се пере во Сарај во приватна пералница и во ГОБ „8 Септември“. Вработените бараат да бидат вратени на работа бидејќи сега немаат ни плати, ни здравствено осигурување

-Ние останавме на улица без работа и без плата. Бевме на разговор кај директорот на Зеднички служби, ни ветија дека ќе се среди брзо работата. Од тоа ништо. Министерот за здравство ни вети и ни го покажа договорот меѓу фирмата „Скопстер“ и Министерството за здравство но и од таму нема ништо. Се надеваме дека ќе се најде некое решение за брзо време, рече Блажевска. 

Осман Џафери кој 35 години работи во пералницата рече дека оделе на работа без плата само поради пациентите и јавниот интерес.

-За време на ковид пандемијата сите клиники переа тука. Сите се разболевме и тука работевме болни. Сите си земаа после тоа пари дека со ковид работеле а нам не ни дадоа ни скршен денар. Веќе не може да се издржи без пари 12 месеци. Регрес не ни е даден. Имаше тортура, две колешки дадоа отказ па една две се вратија. Со кредити се. Сакаме да не вратат на работа по стариот договор, рече тој и додаде дека никој од вработнените немаат здравствено осигурување. 

Според него, ни на министерот ни на Заеднички служби не им е гајле за состојбата во која се наоѓаат.

-Заеднички служби знаат во каква состојба е Скопстер. Дека нема работа и профит. Зошто не префрлија? Немаа пари ни машините да ги поправат. За еден штраф ја оставија машината да пропадне. Не донесоа до пропаст. Сами си ги поправавме машините, колегата ја повреди раката и се, рече Џафери. 

Дејан Димовски истакна дека машините се стари над 50 години и бараат посебен тип на делови.

-Јас менував каиш сам и скршив прст на раката. Тоа што бидна бидна. Проблемот е што парите не ги даваат, само од време на време на рака даваат, рече Димовски.

Од Скопстер, фирмата што управуваше со пералницата велат дека поради тоа што јавно-приватното партнерство за стерилизација на инструменти на Клинички центар не почна да функционира, во септември почнале процедура за истапување од договорот за пералницата, за перење сушење и пеглање на операциски, болнички и персоналски веш и дистрибуција на истиот.

-Истите обврски да ги преземат Заеднички служби или друг субјект, заедно со сите вработени и опрема без никаков надомест кон Скопстер за таквиот пренос. Во таа смисла, Министерството за здравство ја презема обврската за изнаоѓање решение за перењето на вешот од Клинички центар, велат од Скопстер.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот