ВИДЕО | Влатко Галевски: Активноста на жените во филмската уметност и индустрија е значително подобрена

Влатко Галевски - филмски критичар / Фото: „Слободен печат“ - Драган Митрески

Новинар, филмски критичар, хроничар на филмската уметност, писател, уредник на ТВ и радио емисии, па и самиот дел од неколку филмски продукции, Влатко Галевски е еден од ретките урбани скопски ликови, кој своите лични доживувања и импресии од филмската уметност, успешно ги пренесува на сите вљубеници во филмот. Во „Утрински печат“ со Галевски заборувавме за улогата на жената во филмската уметност, кај нас и во светот, и за неговите фаворити за годинешното доделување на најпрестижните филмски награди, Оскарите.

За тоа кога се раѓа љубовта кон филмската уметност и како Влатко почнува да ја развива неговата долгогодишна приказна со безброј испишани филмски рецензии и изгледани филмови, тој вели дека треба да се наврати уште на почетоците на неговото детство.

„Со оглед на мојата возраст, тоа е сериозно долга приказна, но секогаш почнува од детството. Тогаш имав можност да живеам многу блиску до централните скопски кина и моите активности, детски, младешки, главно беа, филмот, излозите со плакати и влегувањето во кино по двапати дневно. Мојата близина до кино салите беше пресудна тоа да стане моја професија. Од љубов стана професија“, вели Влатко за тоа како се вљубил во филмската уметност.

Влатко зборуваше и за тоа дали актерките успеаја да се издигнат над епитетот и поимот за „убава жена“ и колку убавината на жената е пресудна во филмската уметност. Тој вели дека многу се сменети критериумите и воопшто прецепцијата на женската убавина, со текот на времето, но сепак, остануваат и вредностите на класичната убавина.

„Многу често најкарактерните женски ликови во филмовите, не мора да бидат убави. Како претходник на филмот, доаѓа театарот, а како негов претходник доаѓа сликарството, каде што убавината на жената е доминантна на голем број на слики. Денешната визија за тоа што е убаво се разликува од претходните. Можеме да ги погледнеме црно-белите филмови од 40-тите, 50-тите години, каде жените се прекрасни, но тие денес се демодирани по својот стајлинг, по фризурата, шминката, такашто моделот за ‘убаво’, во текот на годините се менува. Денес убавината, многу често преминува во вулгарност и некои женски атрибути се доминантни, а не би требало да бидат. Класичната убавина постои, сликарството тоа го покажува, дека таа класична убавина не ги сменила вредностите“, вели Галевски за женската убавина во филмот.

Галевски зборуваше и за светскиот тренд на употреба и активирање на женскиот капацитет во областа на филмското режирање, кој има влијание и во Македонија. Во последните неколку години има наплив на жени-режисери, и тоа млади режисерки, коу успешно нѐ претставуваат не само кај нас, туку и на големите филмски фестивали во светот

„Активноста на жените во филмската уметност и индустрија е значително подобрена, бројката е зголемена и тоа воопшто не е случајно. Жената во својата ‘борба’ за рамноправност, очигледно е дека успешно работи на фронтот на филмот. Во однос на актерките, иако има исклучиво машки филмови, во кои воопшто нема жени, најголем број на филмови имаат важни женски улоги. Важното поместување е во неколку професии во областа на филмот, има врвни жени-сценаристи, врвни жени-режисери. Тој женски поглед на животот, кој тие го претставуваат преку филмот е исто така едно поместување, и жанровско, и естетско и креативно. Тоа се случува и на светската сцена и во европскиот и во македонскиот филм“, вели Галевски за учеството на жените во филмската индустрија.

Повеќе од разговорот со Влатко можете да погледнете на следниот линк:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот