ВИДЕО | Татијана Јанакиева, јога учител: Да се најде мирот во ова немирно секојдневие е предизвик за сите

Татијана Јанакиева / Фото: Инстаграм/Татијана Јанакиева

Во период на пандемија, војна која ја тресе Европа, како и секојдневни проблеми и стресови, се’ повеќе луѓе бараат начин да си го најдат мирот, да се опуштат и барем за миг да заборават на реалноста, но и да ги неутрализираат секојдневните тензии и стресови.

Јогата се препорачува како „мелем“ на умот и телото, таа има историски корени во древната хинду филозофија. Различни стилови на јога комбинираат физички пози, техники на дишење и медитација или релаксација.

На оваа тема за „Утрински печат“ разговаравме со Татијана Јанакиева, јога учител, кој говореше за благодетите што ги нуди јогата, но и како истата да ја примениме во нашето секојдневие.

– Јогата нуди многу благодети, пред се`, работи директно со нервниот систем, го зајакнува имунитетот, го зацврстува физичкото тело во зависност од интезитетот на праксата. Со само еден час применување на вежби и техники, јогата може да ни помогне во секојдневието. Најважно е дишењето, постојат неколку техники кои може да ги примениме во било кое време и на било кое место, а со кои за момент ќе се ослободиме од стресот и притисокот. Со основни кругови на главата, од лево кон десно и обратно, како и смирено дишење. Неопходен е фокус, длабоко вдишување и издишување преку нос, прво со воздух го полниме стомакот, па градите … а потоа издишуваме преку градите и стомакот, едноставни вежби кои гранатираат смирување на умот и телото. Кога ќе бидете под стрес, енергијата се блокира на едно место, па затоа е неопходно да го растресете вашето тело преку главата, рацете и нозете, рече Јанакиева.

Се’ поголем број на луѓе сакаат да живеат здраво, а ковид-19 само дополнително го има интензивирано интересот на грѓаните за јогата. Според Татијана, здравиот начин на живеење е предизвик за многу граѓани.

– Пандемијата ја поминав во Тајланд, на островот Ко Панган, место каде волонтирав еден месец во јога школа. Запознав голем број луѓе кои сакаат да го подобрат својот физички, ментален и интелектуален развој. Имаше рестрикции, но најголем дел од времето го поминав на плажа. Искуството да практикувате јога на море и пред таков пејзаж е неверојатно. За мене беше предизвик да практикувм јога на остров кој е препознатлив по големата влага, а инсектите околу мене беа дополнителен мотив да и во такви услови да пробам да се фокусирам, да се најдам себе си и да влезам кон самата себе, изјави таа.

Татијана Јанакиева е поранешнка манекенка, а денес професионален јога учител.

– Повеќе од седум години бев во светот на манекенството, почнав на 16 години, тоа беше преубаво искуство за мене, сепак, мислам дека го надраснав тој период. Да се биде модел и манекенка значи да се живее брзо и динамично, имав чести ангажмани и фотосесии кои траеја часови и часови. Динамиката денес ја смирив со јогата, го најдов мојот мир, сега работам на мојот психофизички прогрес во секојдневниот живот“, кажа јога учителот.

Јанакиева потенцира дека физичките и психичките придобивки од јогата се веднаш видливи, а вежбите гарантираат правилен раст и развој.

– Психичкиот развој е фасцинантен уште по првиот час … Балансот на нервниот систем е неопходен, па моите студенти за кратко време се чувствуваат релаксирано, тие излегуваат како „бебиња“, истакна Татијана.

Според Јанакиева, психата е душа, па јогата работи во подобрување на духовноста. Колку повеќе имате самопочит, толку повеќе ќе се сакате себеси, а колку повеќе имате љубов за себе, толку повеќе ќе сакате да имате редовна практика.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот